Угостителите ќе протестираат – бараат грантови и еднократна помош

64

Финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор нема континуитет, а по цела година не постојат ни протоколи за работа за сите дејности кои би можеле да се почитуваат. Секторот угостителство се соочува со бројни предизвици, условите за работа не овозможуваат ни приходи за покривање на основните трошоци. Во такви околности со загрозена егзистенција на цел сектор, кој нема ниту основна помош, иако беше ветувана, нема повеќе простор за чекање, сите граници се поминати. истакнаа денес од Туристичко угостителската комора на Македонија.

„Не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти, а веќе ни основна помош не е доволна за да преживеат луѓето кои работат во овој сектор. Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта која ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.03.2020 година, се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Затоа денес Туристичко-угостителската комора, ги презентира барањата за мерки за поддршка на угостителскиот сектор и најавува радикализирање на делувањето кое ќе трае се додека овие мерки целосно не се реализираат“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.