„Уа” за договорот со Грција на одбележувањето спомен за бегалците од Егејска Македонија

566

Во паркот Жена борец во Скопје изутринава се одбележуваат 70 години од прогонот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Цвеќе пред споменикот положија од Кабинетот на претседателот на државата и од Светскиот македонски конгрес. Присутните извикуваа „Македонија, Македонија“.

„Ова е протест и против договорот за велепредавство меѓу Димитров и Коѕијас“, рекоа учесниците. Тие извикуваа „Уа” кога беше споменат договорот со Грција за промена на името. На манифестацијата беше присутен и Ташко Јованов, претседател на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради, кое го донираше споменикот на Андон Јанев Ќосето.

Настанот е во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, а покровител е Светскиот македонски конгрес.

Пред споменикот цвеќе положија делегации на ВМРО-ДПМНЕ, како и на ГРОМ на Стефчо Јакимовски. Присутните ги прозваа и СДСМ да положат цвеќе, но откако не дојде никој, почнаа да извикуваат „Уа”. Откако завршија со полагањето цвеќе отидоа да погледнат изложба „70 години од прогонот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија 1948-2018“ во големата сала во Домот на АРМ.