“Турскиот тек” ја заобиколува Бугарија? “Даваме свои пари за рускиот гас да дојде до Европа”

193

Претседателот на Бугарија Румен Радев, ги прокоментирал зборовите на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија би можела да најде алтернатива за Бугарија.

Путин навел дека Русија би можела да пронајде друга рута ако Бугарија ја отежнува изградбата на гасоводот “Турски тек”.

“Не мислам дека треба да тргнеме од заканите на господинот Путин. Мораме да тргнеме од сопствените интереси, нашите амбиции – дали Бугарија може да остане на европската карта на транзит на гас по неуспехот на “Јужен тек””, рекол Радев во интервју за бугарската државна телевизија BTV.

Бугарскиот претседател рекол дека владата од своја страна вложува напори, но дека е важно да се сфати дека таквото одолговлекување има своја цена.

“Одолговлекувањето има своја цена. Мора да бидеме искрени, луѓето тоа мора да го знаат. Ние, Бугарите, ги даваме своите пари за рускиот гас да може да стигне до Европа”, истакнал Радев.

Според неговите зборови, Бугарија исто така треба да направи анализа кога проектот ќе се исплати.

“Слушам мислења дека тоа ќе се случи за 15 години. Петнаесет години е долг период”, смета Радев и нагласува дека за тоа време може да се изградат уште повеќе терминали за природен течен гас и да се обезбеди диверзификација на испораката на гас.

Изјавата на Путин дека Бугарија намерно ја одложува реализацијата на проектот треба да ја коментира владата, додал тој.

Претседателот исто така ја допрел темата за купување на F-16. Без разлика на зборовите на премиерот Бојко Борисов дека Бугарија не е Србија или Турција, а процесот за реализација на Турски тек бил транспарентен, купувањето на авионите не може да се нарече транспарентно, оценил шефот на државата.

“И што направи таа земја кога Борисов кажа – купуваме F-16, бидејќи мислам дека тоа е најдобар избор, па дури и веднаш ќе го платиме целиот износ”, изјавил претседателот.

Владата на Бугарија во јануари го одобрила планот за почеток на преговори за купување на борбените авиони на “Lockheed Martin” F-16 од САД, за да ја замени својата флота руски ловци MIG-16. Цената на овој авион според договорот изнесува 1,265 милијарди долари.