Турци за 6,5 милиони евра ја купија фабриката за кабли во Неготино од Комерцијална банка

537

Комерцијална банка го продаде движниот и недвижниот имот на Фабриката за кабли во Неготино, позната уште и како „ФКН“, за 6,5 милиони евра на компанија од Турција, а за сериозноста на инвеститорот зборува и интересот на Владата да склучи договор за државна помош.

Последно што се знае за оваа фабрика е дека во 2014 го загубија спорот со деловната банка по бројните претходни контроверзности што ја следеа а во меѓувреме раководителите, меѓу кои повеќето странци, заработија кривични пријави од полицијата, поради тоа што го ставија имотот под хипотека за помала вредност без дозвола од акционерското собрание.

Продажбата од 6,5 милиони евра ја најави и премиерот Зоран Заев на сесијата од пратенички прашања во Собранието, а од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ни рекоа дека договорот за државна помош е блиску до потпишување, но дека името на купувачот неможат да го откријат.

– Ние ќе го потпишеме договорот за државна помош, но не можеме да изнесуваме детали. Она што можеме да кажеме е дека продажбата е финализирана и дека ситуацијата сега таму е чиста, ни рекоа од кабинетот на Битиќи.

Стечајниот управител Богољуб Макревски исто така потврди дека продажбата е успешно завршена со турскиот инвеститор и дека во истата влегува и недвижниот и подвижниот имот на фабриката.

– Продажбата е спроведена преку извршна постапка, а во истата се вклучени зградите и опремата за производство, ни рече Макревски.

Инаку АД „ФКН“ не работи повеќегодишен период иако беше една од најпознатите фабрики во тиквешкиот регион.