Петнаесетгодишно дете од кумановското село Љубодраг вчера се удавило во реката Пчиња во селото Шупли Камен.
Несреќата, како што објави Куманово њус, се случила околу 16 часот, кога детето заедно со своите другарчиња влегло да се капи во еден од вировите длабок околу 3,5 метри. Притоа го повлекла водата и пропаднало.
Луѓето кои биле со него се обиделе да го пронајдат, но безуспешно.
Веднаш била известена полицијата која пристигнала и заедно со мештаните ја започнала потрагата.
По еден час било извадено безживотното тело на несреќното момче. Увид на лице место извршила полицијата и јавен обвинител.