Тажна сум и тоа нема никогаш да помине – сеќавањата на Лилјана Петровиќ

57

Не бев свесна што се случува, почувствував удар, паднав помеѓу седиштата, а потоа дојде уште еден удар. Имав болки во ребрата, но кога го видов Тоше, заборавив на болката и излегов надвор од џипот. Почнав да викам по Тоше, раката му беше уште топла- со овие зборови раскажуваше Лилјана Петровиќ за првите моменти по сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, која се случи на денешен ден пред тринаесет години, а во која згасна животот на Проески.

Петровиќ, која остана запаметена како менаџерката на Тоше Проески, под чија закрила тој стана препознатлив музички бренд и голема ѕвезда на Балканот, денес има 62 години. Смртта на Тоше значеше и крај на нејзината менаџерска кариера и почеток на еден живот подалеку од сцената и очите на јавноста. Од секојдневието исполнето со телефонски разговори, потпишување на договори, темелна организација на настани и многу патувања, за Лилјана започна ново поглавје, подалеку од шоу бизнисот, во родната Србија каде се обиде да си го пронајде мирот.

За соработката со Тоше, раскажуваше дека започнала спонтано, бидејќи не ни планирала да заплови во менаџерските води. Сепак, не можеше, а да не се забележи посебната врска која ја имаа, а која не беше типична за музичар и негов менаџер, бидејќи Петровиќ, како што и самата знаеше да изјави, едноставно не ставила граница помеѓу приватното и професионалното.

Таа беше негов најголем заштитник и негова верна придружба на сите настани, односно менаџер кој нема одредено работно време и во целост го прилагоди својот живот кон потребите на музичката кариера на Тоше.

Денес, Петровиќ живее во соседна Србија, а веќе две години е повлечена и од социјалните мрежи. Во последното интервју за „Фокус” од пред три години, раскажа дека живее на релација Смедеревска Паланка – Ниш и дека има премногу работа на плантажата на која одгледува лаванда и други лековити билки. Тогаш откри дека започнала да му помага на пејачот Амар Гиле околу маркетинг и снимања, но за активно враќање во менаџерските води, со присуство на настапи и концерти, појасни дека нема амбиции за враќање во јавниот живот.

Категорична беше дека никогаш повторно не би се впуштила во менаџерството на начинот на кој работеше со Тоше, бидејќи тоа е завршено поглавје во животот, кој за неа никогаш нема да биде ист.

-Кога би го вратила времето наназад, не би сменила ништо во начинот на кој ја водев кариерата на Тоше. Мислам дека не направив ништо погрешно. И длабоко во душата знам дека доколку не се случеше несреќата, тој денес ќе имаше блескава светска кариера. Тажна сум, и тоа нема никогаш да помине – ни изјави Лилјана во последното интервју.