Сведоштво на тетовчанка: Пожарот настанал затоа што се обидувале да реанимираат девојче и пукнал штекер

559

Јована К. раскажува како се случил пожарот во тетовската модуларна болница. Како што сведочи таа, нејзината сестра и татко кој бил хоспитализиран како позитивен случај во модуларната болница последни низ прозорец се спасиле од пламените јазици во пожарот кој настана синоќа во Тетово.

Пожарот почна од собата веднаш до таа кај што лежеше татко ми. Сестра ми постојано плаче и е многу вознемирена. Таа беше со татко ми како придружба во модуларната болница во Тетово. Во модуларната болница при прием на позитивен пациент ни кажаа да оставиме еден член од семејството како придружба, бидејќи нема доволно персонал. Во овој случај беше од помош, зашто тие што се спасија, се спасија благодарение на придружбата, вели Јована.

Според она што и го кажала сестра ѝ, пред да настане пожарот, слушнале гласови од соседната соба, бидејќи некое девојче било во многу лоша состојба.

Пожарот настанал затоа што се обидувале да го реанимираат девојчето. Додека ја реанимирале со дефибрилатор, пукнал штекерот. Неколку секунди потоа сестра ми слушнала панични извици дека има пожар. Сестра ми ја фатило паника, почнале да го кршат прозорецот за да излезат. Татко ми немаше станато од кревет откако е хоспитализиран. Паднал. Но, му помогнале да излезе, вели Јована.

Кога се свртела наназад не успеала да разбуди уште двајца, бидејќи нивната соба горела жестоко од сите страни. Излегле надвор низ прозорец. Јас веднаш дојдов, донесовме концентратор за кислород за татко ми и го пренесоа на интерно.

Болницата изгорела за неколку минути, во тие две минути кој успеал да се спаси, успеал, горело многу брзо, изјави Јована за „Слободен печат“.