Судење за „Монструм“: Ахмети имал информации дека момчињата не биле само убиени туку масакрирани

159

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го започна своето денешно сведочење во случајот “Монструм” претставувајќи се како пратеник.

„За овој грозоморен настан дознав следниот ден од медиумите. Беше многу трагичен настан. Сигурно дека сум разговарал со многу луѓе, ако вреди за судот и за јавноста сите мои разговори нека се прикажат јавно. Нормално е дека не можам да се сетам на сите детали, но сум зборувал за да ја видиме вистината за настанот, бидејќи бевме вознемирени. Јас и како претседател на партија и пратеник имав грижа, тоа не беше лесна ситуација, сите на некој начин бевме исплашени од овој настан и да не дојде до некој судир. Сите разговори беа со тој поглед со моите соработници. На детали може да ме потсетите. Тоа беше многу лоша ситуција за сите и за мене, и како за човек и како партија сум се обидувал да дадам придонес да се расчисти ситуацијата. Сум разговарал со меѓународната заедница, сум барал помош од госпоѓа Нуланд како помошник државен секретар на САД, како и од високи претставници на ЕУ. Одговорот на Нуланд беше дека тие не можат да помогнат во овој настан. И одговорот на ЕУ и САД беше дека тие веруваат на ОБСЕ.”, рече Ахмети.

Обвинителкатта Фатиме Фетаи го прша дали се сеќава на разговор со Сафет Незири.

„Не само со Сафет туку сум разговарал и со многу други луѓе за евентуално да не бидат без вина обвинети. Не негирам дека сум разговарал со него. Добро би било судот и сите да знаат што сум зборел со него”, одговори Ахмети.

На 12.05.2012 година Ахмети од Сафет побарал да се формира паралелна комисија за расчистување со случајот. Фетаи праша што предизвикало сомнеж кај него за тој да побара паралелна комисија.

„Имавме потврдени и непотврдени информации дека може да се случат протести за овој настан и работите да излезат од контрола”, рече Ахмети.

„Два дена после настанот на соговорникот му велите дека убиените биле класично стрелани. Какви ви беа сознанијата?”, праша Фетаи.

„Информациите ги имав од органите, од институциите, бидејќи тие не биле само убиени туку масакрирани”, одговори Ахмети.

„Биолошкиот материјал не им припаѓа на луѓето во кои се сомневаат, со исклучок на луѓето кои не се тука. Како знаете кои се луѓето што се осомничени во овој дел од истрагата, со оглед на тоа дека во тек била предистражна постапка?”, праша Фетаи.

„Секогаш сум се повикувал за да без докази да не се обвинува никој. Тоа било прашање што сум го разговарал со секого”, рече Ахмети.

Сведочењето на Али Ахмети е во тек. Сведокот Бујар Османи го потврди своето присуство, но најави дека ќе задоцни.

Судијата Огнен Ставрев на почетокот на денешното рочиште изуми да им дозволи на медиумите да снимат инсерти од судењето.

На минатото рочиште за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, сведочеа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на БЈБ Љупчо Тодоровски – Радникот.

Ахмети: Ако е извршено од страна на Албанците, јас со плукање ќе ги казнам

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на рочиштето за „Монструм” рече дека се познава со обвинетиот Фејзи Азири од 2002 или 2003 година, одговарајќи на прашање од родителот Горан Наќевски, чиј син беше застрелан.

„Јас кога го запознав беше добар човек. Тој ми има кажано дека чува стока”, рече Ахмети на прашање од адвокатот Насер Рауфи.

Обвинителката Фатиме Фетаи цитираше разговор меѓу Ахмети и соговорник, воден два дена по настанот, каде според Фетаи, Ахмети рекол дека убиените биле буквално стрелани. Ахмети рече дека не знаел дали Бујар Османи бил кај загрозениот сведок, Хаки Азири.

„Тоа сум го кажал бидејќи информациите сум ги имал од институциите, бидејќи тие не биле само убиени, туку масакрирани”, рече Ахмети запрашан од каде знаел дека убиените биле „буквално стрелани”, како што кажал на соговорнил два дена по настанот.

Родителот Горан Наќевски цитираше разговор од Ахмети каде тој рекол :„Ова е голем срам за Албанците”. Родителот на убиеното момче кај Смилковско езеро, го запраша дали стои на истиот став.

„Не мислам дека Албанец кој би го правел овој криминал. На сите сум им кажал дека ако е извршено од страна на Албанците, јас со плукање ќе ги казнам”, рече Ахмети.

И останатите прашања на Фетаи се темелеа на нелегално прислушкуваните разговори. Во разговорите се слушало и како Блерим Беџети и Али Ахмети зборувале за „Монструм”, а лидерот на ДУИ рекол: „Се трудиме да го менаџираме”. Фетаи на судењето го праша што значи тоа менаџирање кое го споменувал Ахмети.

„Треба да се зборува со часови за тоа како била менаџирана ситуацијата. Дилемите кои ги имавме ги изразувавме секогаш и се направи работна група”, рече Ахмети.

Фетаи цитираше и други разговори. Имало и друг запис од телефонски разговор меѓу ексминистерот Џелал Бајрами и Ахмети, нецел месец по убиството кај Смилковско Езеро. „Многу би се згрешила работата, ако им се направело тестирање на тие двајца што се во Косово”, рекол Ахмети во разговорот.

„Не знам, сум заборавил, не знам конкретно за кого се однесува. Но, ако се однесуваше на обвинетите и ако нема материјални докази, сигурно, тоа сум го кажал за нив”, рече Ахмети за разговорите.

За Фетаи беше дилема како Ахмети знаел за прво и второ обвинетиот дека се во Косово, кога тие не биле фатени, а Ахмети одговори :„Тоа го знаеше цела јавност”.

Прашања до адвокатот имаше и Дафинка Ивановска, адвокатка на оштетените. Таа го праша за работната група, која претходно ја спомена Ахмети.

„Нашата цел беше да се повтори судењето, бидејќи не беа земени сите докази предвид. И на крај оваа група се формираше, а како резултат на оваа група, еве денес се повторува судењето”, рече Ахмети.

Ахмети беше запрашан кои се точните и конкретни причини за формирање на оваа работна група.

„Јас ви реков дека материјалните докази требаше да бидат поуверливи. Судењето кое преходно се одвиваше оставаше простор дека не било како што треба, односно недокажано. И тука е прашањето како да се менаџира тоа. Сме имале голема одговорнсот, бидејќи од еден трагичен настан можело да се случи друг”, рече Ахмети.

Запрашан од адвокатката Ивановска :„Дали има превземени дејствија за да се повтори постапката и кон кого?”, Ахмети рече : „Цел беше да покренеме иницијатива, а не конкретна акција. Сум предложил органите кои се надлежни да го реализираат тоа, односно да одлучат дали ќе се повтори или не”.

Во разговор со Сафет Незири, лидерот на ДУИ, Ахмети барал информации за обвинетите и семејствата на убиените деца, се слушало од прислушкуваните разговори. Ахмети беше прашан дали има заклучок, дали обвинетите се виновни, а тој рече : „Јас сум претседател на партија, а не директор на театар. Јас имам одговорност за да се погрижиме..”.

Родителот Горан Наќевски го запраша Ахмети дали зборувале за бомбите за „Монструм”, со доскорешниот премиер, Зоран Заев, по што тој негираше.

„Јас сум разговарал со многу луѓе, не само по телефон, односно, со луѓе кои не се во транскриптите. За мене беше голем и трагичен настан. Сигурно сум разговарал со многу луѓе, но не во кафеана. Јас сум институционална личност со одговорност и ме интересираше само вистината”, рече Ахмети.