Стравична трагедија во Будимпешта: Во судар на туристички бродови погинаа најмалку 7 луѓе, се трага по 21 лице

1728

Најмалку седум лица настрадале во бродолом на Дунав во Будимпешта, а се трага по 21 патник. Потрагата ја отежнува високиот водостој, а повеќето од патниците биле Јужнокорејци.

Сосема обичната обиколка на Будимпешта по Дунав се претворила во вистинска трагедија откако брод на кој се наоѓале 32 патници и двајца членови на екипажот, по судар со друго пловило, потонал кај мостот Маргарет.

Досега се пронајдени седум тела, а понатамошната потрага ја отежнуваат високиот водостој на Дунав, ветрот и дождовите. Првобитно, унгарските спасувачки служби трагале по 16 патници.

Унгарските медиуми пренесуваат дека поголемиот дел од патниците на бродот “Сирена” биле од Јужна Кореја, кои дошле во разгледување на градот. На местото на трагедијата веднаш пристигнал и амбасадорот на државата.

Будимпештанскиот “Индекс” јавува дека остатоците од бродот биле пронајдени по едночасовна потрага.

“Сирена” кој е огласуван како брод за забава и разгледување, бил регистриран за 60 луѓе. Тој потонал откако во него удрил поголем туристички брод. Екипажот на бродот “Будимпешта” прв го забележал сударот и огласил узбуна.

Голем број провила помагаат во потрагата по исчезнатите, но работата на спасувачките екипи сериозно ја загрозуваат ветровите и дождовите.