Стејт департмент: Албанија е место каде тешко се води бизнис

0
102

Американскиот Стејт департмент во својот извештај за инвестициската клима во Албанија за 2018 година изразува загриженост во врска со корупцијата и нетранспарентноста на тендерите.

Во извештајот се наведува дека Албанија се смета за место каде е тешко да се води бизнис и каде се фаворизираат компании поврзани со политиката.

Со загриженост се известува и за проектите за јавно приватно партнерство кои се проценува дека имаат ограничена конкуренција и оти нема анализа за нивните трошоци и добивки.

Сопственоста на имот е уште еден проблем на што се жалат странските инвеститори, се додава во извештајот.

Како проблеми со кои и натаму се соочуваат, странските инвеститори ги наведуваат корупцијата, особено во судството, недостигот на транспарентност во јавните набавки и слабото спроведување на договорите.

– Во 2016 година, албанската Влада усвои сеопфатни уставни измени за реформа на судскиот систем во земјата и подобрување на владеењето на правото. Имплементација на судските реформи е во тек, вклучувајќи и проверка на судии и обвинители за необјаснето богатство, но странските инвеститори гледаат на климата за инвестирање како проблем и велат дека Албанија и натаму останува тешко место за водење бизнис, стои во извештајот.

Во него исто така се наведува дека енергијата, туризмот, водоводите и канализацијата, патиштата и железницата, рударството и информатичката технологија претставуваат најдобра перспектива за директни странски инвестиции во Албанија во следните години.

Индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнал за 2017 година ја рангираше Албанија на 91 место од 180 земји, што е пад од осум места споредено со претходната година. Како таква, Албанија се смета за втора најкорумпирана земја во Западен Балкан.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here