“Стара планина“ го ограничува пристапот на туристите

405

Перуанските власти ќе го ограничат пристапот на туристи во два храмови и малата камена пирамида на локалитетот на Инките, Мачу Пикчу, за да се избегне нивното понатамошно пропаѓање.

Како што изјавува Министерството за култура, ограничувањето ќе се примени од 15-ти до 28-ми мај, а се однесува на храмот на Сонцето, храмот на Кондор и Интиватан и ритуалната камена пирамида за која се смета дека е поврзана со календарот на Инките.

Според извештаите, околу 6.000 туристи дневно ќе можат да ја посетат тврдината која е изградена во 15-от век на источниот дел од Андите. Покрај тоа, времетраењето на таа посета на трите локации, максимално ќе изнесува 3 часа.

„Овие мерки се одговор на потребата да се сочува Мачу Пикчу, затоа што камената површина почнува да се уништува заради секојдневното поминување на туристите на споменатите локации.“ – се наведува во соопштението.

Како што соопштува шефот на археолошкиот парк Мачу Пикчу, Хозе Бастанте, станува збор за “пилот проект кој треба да го сочува културното наследство, но истовремено да овозможи посета на истото“. Доколку резултатите бидат добри, ограничувањата можеби ќе бидат постојани од 1-ви јуни.

Мачу Пикчу, што на кечуански јазик значи “Стара планина“, изграден е за време на владеењето на царот Пачакутиј (1438-1471 година) и се наоѓа на околу 100 километри оддалеченост од Куск, древната престолнина на царството на Инките, на југо-исток од денешен Перу.

Овој локалитет го откри американскиот истражувач Хајрам Бингам во 1911-та година, а во 1983-та година ставен е на Светската листа на УНЕСКО.