Со песна ќе ти кажам: Музичарите на протест пред Владата

84

Угостители, но и музичари и бендови кои поради рестрикциите се оневозможени да настапуваат во угостителски објекти, утре ќе протестират пред Владата.

Музичарите и угостителите не се согласуваат дека угостителските објекти се причина или може да бидат потенцијални жаришта за ширење на коронавирусот. Откако Владата завчера донесе мерки со кои се забранува гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, се ограничува јачината на музиката до 55 децибели и се намалува бројот на лица кои може да седат на една маса од 12 на 4, од Независната угостителска комора (НУК) во првата реакција најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите на две недели.

Сепак, на социјалните мрежи за утре (7.10.2020) се најавува протест пред зградата на Владата од 14 до 17 часот, под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“. Од ноќните клубови се жалат дека поради пандемијата седум месеци се присилно затворени, без ниту еден работен ден, со нула денари помош од државата и дека протестираат за основното граѓанско право – правото на работа.

При образложувањето на новите мерки, од Владата се повикаа на епидемиолошките анкети кои укажале дека масовните собири со непочитување на протоколите се една од главните причини за зголемување на бројот на новозаболени од Ковид-19. Во прилог на тоа го посочија и податокот дека најголемо зголемување има кај популацијата од 20 до 30 години, а потоа и кај возрасната група од 30 до 40 години. Но, угостителите сметаат дека новите ограничувања нема да го намалат бројот на заболени, бидејќи само ќе ги мотивираат младите да најдат алтернативни решенија за дружење и забава, како што се групни собирања на приватни забави во домови и паркови, каде што ќе бидат надвор од контрола во однос на мерките за заштита.