Слушнете ја песната со која Македонија ќе се претстави на Евровизија

2906

Васил Гарванлиев ја промовираше песната „Here I Stand“, со која ќе ја претставува Македонија оваа година на Евровизија во Ротердам.

Тоа ќе биде негова втора шанса за настап на Евровизија, откако лани не беше во можност да ја изведе песната „Ти“ поради пандемијата на коронавирусот.

„Среде хаосот и разочарувањето минатата година, ја напишав ‘Here I Stand‘ во еден здив, без некоја специфична цел и фокус. Длабоко сум почестен што ќе имам можност да ја претставувам Македонија на Евровизија со песна инспирирана од моето лично искуство. Иако песната нè отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме поминале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката“, вели Гарванлиев.

Полуфиналните вечери ќе се одржат на 18-ти и 20-ти мај, а финалето е на 22-ри мај, а што Гарванлиев ќе настапи првиот ден.

Автор на музика и текстот е самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата се погрижија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Музиката за песната се снимаше во студиото „Фејмс“ во Скопје, со оркестар во живо, под диригентската палка на Олег Кондратенко, а нотите ги распиша Владимир Ботев.

Спотот е снимен на повеќе локации, за време на снимањето во студиото „Фејмс“, дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а во спотот се прикажуваат и кадри од Културниот центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време како член на Детскиот хор од овој град.