Скопјани со предлог-мерки за почист воздух: Од Сарај до Ново Лисиче да сообраќа воз

165

Од еден иницијативен одбор на граѓани од Гази Баба доставија тринаесетина предлог-мерки за почист воздух кои може, слободно да се каже, некои од нив се уникатни и единствени. Па така, најголемиот процент на предлозите од овој иницијативен одбор се насочени кон намалување на загадувањето на воздухот што го прават возилата, пренесува Вечер.

Од одборот им предлагаат на градските власти на влезовите во Скопје да се направат големи паркинзи каде што граѓаните од руралните населени места околу главниот град, како и други граѓани што доаѓаат со своите возила, да се паркираат таму, а во градот да влезат со организиран превоз.

– Тие што ќе сакаат да влезат во Скопје со своите возила, да плаќаат еколошка такса – вели Трајче Георгиевски од иницијативниот одбор.

Тие предлагаат да се забрани купување на моторни возила во урбаниот дел на Скопје ако нема обезбедено паркинг-место.

– Некои граѓани имаат и по 2-3 возила, а немаат каде да ги паркираат, па ја узурпираат пешачката патека – вели Георгиевски.

Тој вели дека растоварување на сообраќајот во градот ќе се направи ако од Сарај и по кејот на Вардар се до Ново Лисиче почне да сообраќа вовче кое ќе служи за превоз и рекреација на патници во двете насоки. Ова решение може да му конкурира на трамвајот што го најави градоначалникот Петре Шилегов.

– Со ова решение ќе се растовари сообраќајот, а истовремено ќе биде атракција. За реализација на оваа идеа не е потребна голема инвестиција бидејќи патеката е асфалтирана – појаснува Георгиевски.

Од одборот сметаат дека под итно треба да се направи велосипедска патека по насипот на река Вардар од Ново Лисиче до Идризово, како и да се интензивира железничкиот сообраќај за превоз на патници.

– Прв крак би бил на релација Зелениково – Драчево – Долно Лисиче – Јурумлери – Гоце Делчев – Општина Илинден – Кадино – Мралино до аеродромот “Скопје” и обратно. Вториот крак би тргнувал од главната железничка станица преку Маџари – Илинден – Кадино – Мралино до аеродром “Скопје” и обратно. А третиот крак би тргнувал од главната железничка станица преку Маџари – Железара – станица Север – Ѓорче Петров до Сарај и обратно – нагласува Георгиевски.

Во предлозите се оди и дотаму што се бара од Автокоманда до Катланово да се направи пешачка и велосипедска, плус трамвајска линија со што ќе се поттикне Катланово да стане спортско-рекреативен центар.

За намалување на аерозагадувањето, од одборот предлагаат улиците редовно да се мијат, како што впрочем било во минатото.

– Улиците да се прскаат со специјални пумпи, по примерот на Куманово од пред две години, кога загадувањето на воздухот во овој град беше намалено за половина – вели Георгиевски.

Меѓу останатите предлози е и надлежните да се фокусираат на централното парно греење и да се насочуваат граѓаните кон ваков начин на греење, додека за инсистирањето за греење на пелети го сметаат за голема грешка.

Иницијативниот одбор овие предлог-мерки ги доставиле до Владата, Град Скопје, Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Општина Гази Баба и до партијата на зелените – ДОМ.