Сè уште не се знае кој му ја смени бојата на Вардар

969

По добиена дојава за загадување на реката Вардар со црвена боја во близина на Бетонската база – Бетон на 15 јули, Државниот инсепкторат за животна средина (ДИЖС) излезе на увид на посочената локација и со непосредниот инспекциски надзор утврдиле дека отпадната вода од колекторот која се влива во река Вардар била со видлива црвена боја.

Како што информираат оттаму, веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа и се однесени во акредитирана лабараторија, а во тек е нивно испитување.

„Истовремено извршен е вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект Либерти АД-Скопје, ул.16 Македонска бригада б.б. и се утврди дека во моментот на надзорот погонот Лужилница не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот е запрен со работа на ден 10.07.2020 година во вечерните часови. При увид во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим, и од пречистителната станица истекуваа 210 литри/час отпадна вода која е безбојна. Исто така се изврши визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје, и од истата истекуваше безбојна отпадна вода од 100 м3/час. Значи, од извршените увиди и кај двата погоре споменати субјекти нема забележано појава на истекување на црвена отпадна вода“, се вели во извештајот од Државниот инспекторат за животна средина.