Се огласи осудениот Џими Мицевски – фронтменот на групата „Молика“: Ме осудивте за најчесно и најдомаќинско работење, но немојте да мислите дека ќе ме скршите!“

634

Во последниот ден на месец март годинава, во судската завршница во Основниот суд – Скопје 1 беше донесена првостепената и неправосилна пресуда за предметот на поранешното СЈО под кодно име “Транспортер“ во кај првообвинетиот екс градоначалник на Битола, Владимир Талески доби затворска казна од 8 години. Меѓу осудените се најде и битолскиот музичар и лидер на мегапопуларната и реномирана група „Молика“Џими Мицевски, воедно и сопруг на пејачката на групата, Анета Мицевска, кој доби затворска казна од 2 години и 6 месеци.

Македонското таканаречено „Луј Витон“ судство уште еднаш покажа „одмазничка правда“ со драконски казни кон функционерите на бившата власт – денес опозиција. Покрај сувото, гори и суровото – вели народот, па така меѓу сите осудени се најде и лидерот на фолк групата „Молика“, Џими Мицевски, чија фирма „Џими Турс“ вршела транспорт на ученици во времето на градоначалникувањето на Владимир Талески, а наводно наплаќала повеќе пари од општинската каса од што услугата реално чинела.

Музичарот и лидер на „Молика“ не можејќи да ја издржи направдата, писмено и се обрати на јавноста преку својот Фејсбук профил, тврдејќи дека е апсолутно невин, жртва на политиките, дека нема наплатено ниту денар повеќе од договореното и дека правдата ќе ја тера до крај, ако треба и до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

При тоа Џими ги повика порталите да ја пишуваат вистината, а написите да ги темелат на факти, а не на „од ракав истресени“ информации. Неговото јавно Фејсбук обраќање го пренесоа и некои домашни, локални битолски портали, како и еден портал кој е наменет за информирање на нашата дијаспора во Австралија, каде Џими, Анета и нивната група „Молика“ се чести гости со своите настапи и турнеи.

Но, само ден по јавната објава, истата исчезна, односно ја снема од фејсбук профилите на Џими. Ниту на едниот, ниту на вториот негов Фејсбук профил таа повеќе не се наоѓа.

 

А, со тоа исчезна и од споменатите портали, односно од оние, кои со линк целосно ја пренесоа неговата изјава!!?

Дали музичарот се исплаши од уште поостри консеквенци, поголема одмазда, дали некој го уцени или му се закани или едноставно  пријателски го посоветува дека е подобро да молчи и да ја турка работата или пак самиот процени дека е најдобро така, останува отворена поканата од Вистина.ком.мк, самиот Мицевски одговорот да го сподели со нас и јавноста.

Во меѓувреме ние успеавме да дојдеме до неговата интегрална изјава која остана зачувана кај некои од неговите Фејсбук пријатели, па ви ја пренесуваме во целост:

„Јас, Мицевски Џими ова што сега го правам – пишувам го правам за честа и угледот, прво на моите деца, а потоа на мојата фамилија, на мојот славеј, Анета Мицевска и групата Молика..

Можеби сите сте информирани дека вчера во основниот суд во Скопје се судеше Битола, поточно во мегапознатиот случај Транспортер. Осудени сме сите обвинети, а сите угледни и чесни граѓани на Битола, кои предходно немале ниту една дамка во своето работење. Јас сум осуден на 2 год и 6 месеци затворска казна за моето најчесно најдомаќинско работење.

Јас, Мицевски Џими најодговорно тврдам дека со мојата фирма ‘Џими Турс’ немам наплатено ниту (1) еден скршен денар повеќе од тоа што беше пропишано со одлука на совет на општина Битола, а тоа го има со ДОКАЗ во вештачењето од Бирото за судски вештачења ( значи вештачење нарачано од СЈО ). Секако дека овде ова нема да застанам со ова ќе одам и до последниот суд овде во МК да си ја докажам мојата невиност, а до колку увидам како и што гледам дека сме жртви (колатерална штета) на две спротиставени страни, правдата ќе ја барам и во Стразбур во Франција, во меѓународниот суд за човекови права…“

„Само еден единствен денар ако се утврди со ФАКТИ И ДОКАЗИ дека јас сум зел повеќе пари за извршената услуга, јас сум спремен да одговарам во секое време…

Ова што се случува се вика играње со човечки судбини и ништо друго. Меѓутоа, немојте да мислите дека ќе ме скршите. Битката продолжува. Немојте да се чудите зошто ништо не оди овде и зошто ни бегаат младите…  Не дај Бог да ви стане јасно, како на мене сега што ми станува јасно.

Немам намера на никого да му се правдам и ќе ве замолам вие од порталите, ако имате барем малку човечко достоинство, да пишувате според факти, а не од ракав истресени информации“ – напиша Џими во своето фејсбук обраќање до јавноста.