Се намалуваат нотарските и извршителските трошоци за граѓаните

376

Усвоени се измените на Законот за нотаријат и на Законот за извршување со што се намалуваат нотарските и извршителските трошоци за граѓаните.

„Обезбедивме значително финансиско олеснување за сите граѓани на Република Македонија, за оние кои се соочуваат со постапки пред нотари и извршители, а особено за најранливите сограѓани. Законите обврзуваат на донесување на нови тарифи со кои ќе се укинат 16 тарифни ставки“, рече Снежана Калеска–Ванчева, пратеничка од СДСМ и коалицијата.

Таа појасни дека во постапките пред нотарите граѓаните кои имаат долгови за комунални трошоци се ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Трошоците кои ги плаќаат граѓаните мора да бидат намалени и разумни, а не енормни, само така ќе изградиме фер и праведно општество.