Растур-систем во Загреб – Вардар е веќе во четвртфинале

349

Македонскиот првак како да го чуваше најдоброто за крајот на оваа сезона. Последните променливи резултати очигледно биле само затишје пред бура бидејќи вечерва го демолира Загреб со 27-18 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

Интересно е тоа што дилема околу конечниот исход немаше во ниеден момент од мечот. Вардар поведе со 3-0, Загреб намали на 3-4, а во првото полувреме нашиот тим прими вкупно шест гола. По 30 минути игра беше 14-6 и тогаш беше јасно дека Вардар во Скопје ќе донесе огромна предност. Можеби можеше да биде уште поубедливо, на 7 минути пред крајот водството беше +11 (26-15), но до крајот црвено-црните постигнаа само уште еден гол и Загреб успеа да се избори за едноцифрена негатива.

Најефикасни во нашата екипа беа Криштопанс и Карачиќ со по 5 гола, но огромен придонес за убедливата победа имаше и Милосављев кој оствари 14 одбрани. Реваншот, кој ќе биде формалност, се игра идниот викенд во Скопје, а само неколку дена подоцна (од 2 до 4 април) во Брест е завршниот турнир од СЕХА лигата каде овие две екипи можат повторно да се сретнат.