Еден месец до дуелот со Косово: Ангеловски „скенира“ на лице место

101

Фудбалската репрезентација на Македонија за еден месец ќе ја почне финалната трка за пласман во Лигата на нации. На 26 март во Скопје е закажан полуфиналниот дуел против Косово, а селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите се надеваат дека пет дена подоцна ќе бидат дел и од финалната пресметка за пласман на ЕВРО 2020, против Грузија или против Белорусија.

Со оглед дека нема да има многу време за заеднички подготовки, селекторот Игор Ангеловски одлучи во живо да ја провери формата на поголем дел од репрезентативците. Беше во Унгарија каде го следеше настапот на Висар Муслиу и на Бобан Николов во дресот на Мол Фехервар, а потоа се упати и во Шпанија, каде го гледаше мечот меѓу Леванте и Реал Мадрид.

„Немаме време за заеднички подготовки, собирот ќе биде кус и веднаш следи дуелот со Косово. Но, во контакт сум со фудбалерите, се обидувам да ги следам и во живо настапите на поголем дел од нив. Бев во Унгарија и во Шпанија, следните активности се да ги гледам мечевите на Стефан Ристовски (Башакшехир – Спортинг Лисабон) и на Аријан Адеми и на Дарко Велковски (Динамо Загреб – Ријека). Имав во план да одлетам и за Италија, но поради последните проблеми со коронавирусот тоа сепак нема да може да се реализира. Драго ми е што најголем дел од репрезентативците играат стандардно во клубовите и се надевам дека ќе ги одминат повредите. Тоа е најважно, да ги имам сите на собир и подготвени за игра“, вели за ЕКИПА, селекторот Ангеловски.

Можеби најмногу загрижува навалната линија, Илија Несторовски има скромна минутажа во Удинезе во последниот период, а Александар Трајковски речиси и воопшто да не добива шанса во дресот на Мајорка.