Претседателот на Русија во интервјуто за италијански „Кориере Дела Сера“, проговори за наводната трка во вооружување која што ја водат САД и Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин, изјави после потпишувањето на наредбата за повлекување на Москва од “INF” договорот, дека Русија има „политичка волја“ да креира нов договор за контрола на вооружувањето со Соединетите Американски Држави, но порача дека и Американците мора да ја имаат истата волја.
Во интервјуто кое првиот човек на Русија го даде за италијанскиот весник „Кориере Дела Сера“, во врска со оваа тема тој ја истакна и огромната разлика помеѓу американскиот и рускиот воен буџет.

Путин порача дека кога ќе се споредат воените буџети на двете земји, апсурдно е да се говори дали Русија сака или може да учествува во една нова трка во вооружување која би се водела меѓу двете најголеми светски сили.
„Русија на одбрана на годишно ниво троши 48 милијарди долари, а колку троши САД? Тие трошат над 700 милијарди долари. Каде е тука трката во вооружување? Ние нема да дозволиме да не вовлечат во такво нешто, но ќе ја браниме нашата безбедност“, порача рускиот претседател Владимир Путин.