Пругата кон Бугарија се гради еден и пол век

730

Уште 900 милиони евра и голема посветеност на Владата се потребни за да стане реалност Коридорот 8, односно железничката пруга која Македонија ќе ја поврзе со Црно Море на исток и со Јадранско Море на запад.

Пругата се гради неверојатни еден и пол век, период во кој на трасата на Коридор 8 се испречувале војни, преврати и политички притисоци кои ја пролонгирале изградбата. Последните најави на Владата за придвижување на градежните активности за изградба на пругата скопјани ги искоментираа како подеднакво недостижни како и влезот во ЕУ. „Знаете кога ќе влеземе во ЕУ? Кога ќе биде готова пругата Паланка – бугарска граница!“, пишуваат на социјалните мрежи и покрај уверувањата од властите дека следната година интензивно ќе се работи на пругата.

Коридорот 8 во Македонија се состои од три дела. Источен дел – од Куманово до границата со Бугарија во должина од 90 километри, кој не е изграден, делот кој сега функционира помеѓу Куманово и Кичево, кој е околу 150 километри, и западен дел – од Кичево до границата со Албанија во должина од 66 километри, кој исто така не е изграден.

Последниот рок за комплетирање и проточност на Коридорот 8 е 2025 година, но само доколку оваа Влада ја постави железницата како приоритет, смета Петар Спасовски, помошник-директор за електротехнички постројки во Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“. Според Спасовски, се покажало дека судбината на Коридорот 8 е зависна од политиката.

„За Коридорот 8 се зборува многу одамна. За првпат таа траса е проектирана и ставена на хартија уште во 1869 година, тоа значи приближно еден и пол век. Многупати од тогаш пругата почнувала да се гради, меѓутоа сите обиди биле неуспешни. Интересно е што секогаш кога требало да се почне да се гради делот во Македонија, бидејќи целата траса поминува и низ Бугарија и низ Албанија, каде што веќе има изградено пруга, во делот низ Македонија се случувале некои збиднувања, дали тоа биле војни, преврати, промени на влади и така натаму, па досега не се изградил Коридорот 8 низ Македонија“, изјави за „Макфакс“ помошник- директорот Спасовски.