ПРОДОЛЖУВА БОЈКОТОТ НА МАТУРАНТИТЕ

65

Второто полугодие се уште не е започнато за дел од матурантите коишто ја бојкотираат наставата. Испуштените наставни содржини ќе треба да се надополнат, велат од МОН и ги повикуваат матурантите да се вратат на настава.

„Според Закон, училиштето води евиденција за присуството за учениците на наставата, затоа што средното образование е задолжително за сите ученици. Имаме информации за делумен бојкот на матуранти во училиштата и секако дека предвидените наставни содржини ќе треба да се надополнат, онаму каде што наставата не се одржала. Во дел од училиштата, каде што паралелките не се целосно вклучени во бојкот, наставата се реализира со предвидениот план на наставниците“ велат од МОН.

Обврска на МОН е да се обезбеди правото на полагање на матура, посебно на оние ученици кои сакаат да го продолжат своето образование во високо образовни установи во нашата држава и надвор од неа, истакна министерката за образование Мила Царовска.

Дел од матурантите пак децидни. Не се откажуваат од барањето да полагаат два наместо четири предмети на матурскиот испит. Од Сојузот на средношколци нагласуваат дека не се залагаат за откажување на матурата, туку за нејзини измени оваа учебна година. Бојкотот продолжува и во наредните денови.

Од Сојузот сметаат дека бојкотот на наставата е успешен. На 21 јануари бојкотирале 78% од матурантите, а на 22 јануари 71%. Како причина за трендот на опаѓање ги наведуваат притисоците и заканите од страна на училишните директори и наставници врз учениците.