Проблеми за Турција: Ако го купат рускиот ракетен систем, нема да ги добијат американските авиони…

587

Доколку Турција го купи рускиот против-воздушен ракетен систем, со тоа ќе се најде под санкциите кои што Доналд Трамп ги потпиша минатото лето, истакна во своето обраќање пред американскиот Сенат, Вес Мичел, помошник на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Со тој закон за санкции, попознат како “CAATSA”, се предвидува казнување на компаниите кои што соработуваат со руската одбранбена индустрија.

„Бевме јасни дека купувањето на С-400 неизбежно ќе ја загрози можноста за турските воено-индустриски сили да соработуваат со САД, а во тоа е вклучен и договорот за набавката на „Ф-35“ авионите“, изјави Мичел.

Вашингтон и Анкара во изминатите неколку месеци ги влошија односите поради низа на прашања, како што е американската политика со Курдите во Сирија, па така и со постапките кои што против американските државјани се водат во Турција, од кои најистакнат е случајот на професорот Ендру Брунсон кој од турските власти е обвинет за тероризам.

Мичел проценува дека во Турција се притворени околу 20 Американци од кои што многумина имаат двојно државјанство.

Сепак, Мичел ја пофали Турција и нагласи дека Анкара е „клучен сојузник и партнер“ преку НАТО Алијансата, споменувајќи ја кампањата за борба против Исламската држава: „Многу добро соработуваме со нив на разузнавачки план и во други подрачја, но тоа би можело и да се подобри“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во текот на вчерашниот ден телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на кого му ја честитал победата на изборите, а двајцата челници се согласиле дека треба да ги зајакнат билатералните односи на двете земји, соопштија од кабинетот на турскиот претседател.

Сепак, и покрај тоа што се споменуваат „добрите односи“, јасно е дека во американскиот Конгрес ќе бидат донесени низа на мерки кои што ќе ја блокираат продажбата на авионите на Турција доколку Анкара го купи рускиот против-воздушен ракетен систем, а Мичел додава дека владата верува дека има правни овластувања да ја блокира доставата на авионите и без поддршка на тоа тело.