Пред точно 15 години се случи една од најбизарните забуни во телевизиската историја.
Тогаш компјутерскиот техничар Гај Гома случајно завршил во интервју во живо на „BBC“ наместо технолошкиот експерт Гај Кјуни, пренесува „Metro“.
Што точно се случило?
Гај Гома тој ден требало да биде на разговор за работа во IT одделот на „BBC“. Тој пристигнал на главната рецепција и чекал да го повикаат. Истовремено, Гај Кјуни, технолошкиот експерт, чекал на другата рецепција и се припремал за интервју во живо на „BBC“.
На продуцентот на емисијата му било јавено дека Кјуни чека на главната рецепција, па тој се упатил натаму и го прашал рецепционерот каде е Гај Кјуни, а тој му покажал кон Гај Гома. Продуцентот прашал дали станува збор за вистинската личност бидејќи го видел Кјуни на фотографија, а рецепционерот му потврдил. Продуцентот, знаејќи дека до јавувањето во живо од студиото има само уште 5 минути, му пришол на Гома и го прашал дали тој е – Гај. Гома, слушајќи го своето име, му одговорил потврдно.
Го одвеле во студиото, го нашминкале, озвучиле и го седнале пред камерите. Иако, како што подоцна признал, целата ситуација му изгледала по малку необична, Гома во тој момент верувал дека е на разговор за работа.
Дури кога водителката во емисијата го најавила како Гај Кјуни, технолошки експерт, Гома, видно шокиран сфатил за што станува збор. Свесен дека е на телевизија во живо, тој дури и се обидувал да одговори на поставените прашања.
Во истовреме, Кјуни на рецепција шокирано гледал како друг маж го прикажуваат под неговото име.
Британските медиуми подоцна пренесоа дека Гома бил на разговор за работа 20 минути подоцна, но сепак не ја добил работата.