Правдата ќе го стигне на 94 години: Започна судење на член на „СС“ одговорен за илјадници убиства…

1028

Во германскиот град Минстер започна судењето на 94-годишниот поранешен припадник на специјалните „СС“ единици при нацистичката армија, поради соучешништво во убиството на илјадници затвореници во концентрациониот логор Штутхоф во близина на Гдањск.

Како што пренесуваат германските медиуми, во обвинението стои дека 94-годишниот припадник на „СС“ кој што во последните години живеел на северозападот од Германија, како чувар во логорот Штутхоф овозможил бројни убиства на затворениците.

Се проценува дека за време на Втората светска војна, нацистите во овој логор убиле над 27 илјади затвореници. Обвинетиот во логорот работел како чувар во периодот од 1942-ра до 1944-та година.

Меѓународниот одбор „Аушвиц“кој во 1952-ра година го основаа преживеаните лица од логорите на смртта го поздрави почетокот на судењето и им се заблагодари на преживеаните и семејствата на убиените Евреи во логорот кои што учествуваат во тужбата и судењето.

„Ние ви се заблагодаруваме поради храброста и одлучноста на ова судење да се појавите во улога на сведоци. Тоа за вас ќе бидат тешки денови“, изјави претставникот на одборот, Кристоф Хојбнер.

Тој воедно го критикуваше германското правосудство на кое што толку долку му требало да го изведе обвинетиот пред суд: „Преживеаните мораа вечно да чекаат на германското правосудство и правдата“, изјави Хојбнер.

Во Минстер исто така требаше да му се суди на уште еден чувар, но овој процес поради здраствената состојба на обвинетиот е одвоен.