Потврдени доживотните затвори за убијците од „Монструм“

461

Апелациониот суд во Скопје како неосновани ги отфрли жалбите на петтемина обвинети во случајот „Монструм“ за масакрот кај Смилковско Езеро. Со оваа одлука уште еднаш се потврдуваат казните за доживотен затвор на обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, за кои петкратното убиство во 2012 година останува да се води и како терористички акт.

Се потврдува првостепената казна и на Хаки Азири за две кривични дела Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 2 в.в. со став 1 од КЗ, кој за две дела доби по 5 години во единствена казна од 9 години затвор. И нему му се пресметува времето поминато во притвор, па бидејќи тој е 6,5 години притворен, од затворската казна му остануваат само околу 3 години за издржување.

Второстепениот суд му ја потврди единствената казна од 15 години затвор на обвинетиот Фејзи Азири за две кривични дела Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 в.в. со став 1 од КЗ. Од неа му се одбиваат 6 години кои ги помина во притвор за „Монструм“.

Апелациониот суд потврди дека шестообвинетиот Сами Љута се ослободува од обвинение.

По убиството, во Косово побегнаа Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и досега Косово постојано одбива да ги екстрадитира во Македонија.

Масакрот се случи на 12 април 2012 меѓу 19:30 и 22:30 часот. Според зборовите на судијата Огнен Ставрев се работи за монструозно садистичко убивање и одземање на животи на четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево.