Последици од иранскиот ракетен напад: Американските војници претрпеле потрес и трауматски повреди на мозокот

55

50 припадници на американската армија претрпеле потрес и трауматски повреди на мозокот после иранскиот ракетен напад на американските бази во Ирак на почетокот од месецот, соопштија од Пентагон.

Тоа е за 16 војници повеќе од првичното соопштение на Пентагон во кое беше откриено дека 34 војници патат од трауматски повреди на мозокот како последица на иранскиот ракетен напад на американските бази во Ирак.

„Денес 50 припадници на американската армија добија дијагноза на трауматска повреда на мозокот“, изјави портпаролот на Пентагон, Томас Кембел.

Од тие 50, 31 војник беше третиран во Ирак и сите се вратија на должност, вклучувајќи и 15 дополнителни војници кои добија дијагноза во претходниот извештај. Вкупно 18 се транспортирани во Германија на понатамошен третман, а еден војник бил во болница во Кувајт.

Неколку високи функционери од Пентагон за „СиЕнЕн“ изјавија дека таа бројка веројатно ќе расте. Околу 200 луѓе биле во зоната на експлозија во времето на нападот. Сите биле прегледани, но симптомите на трауматски повреди на мозокот не се појавуваат непосредно откако дошло до повреда. Сепак, со самото ова, јасно е дека нападот на иранската Револуционерна гарда бил посериозен од иницијалните проценки.

Пентагон и американскиот претседател Доналд Трамп најпрвин рекоа дека никој не е повреден ниту убиен во иранскиот ракетен напад на 8-ми јануари, кој беше одмазда за американскиот воздушен напад изведен на 2-ри јануари во кој беше ликвидиран иранскиот генерал Касим Сулејмани.