Лидерите на Европската Унија, после речиси 10 хаотични часа во преговори, пред раните утрински часови постигнале договор за миграцијата. Тоа чувствително прашње ја загрозува ЕУ зоната и слободното движење во неа, но и владата на германската канцеларка Ангел Меркел.
“Лидерите на 28 членки држави во ЕУ се договориле околу заклучокот на самитот, вклучувајќи го и прашањето за миграција”, објави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој претседаваше со преговорите.
Деталите од договорот не се соопштени, но францускиот претседател Емануел Макрон на новинарите им кажа дека “европската соработка победи” и ја оцени искажаната солидарност на земјите.
“Станува збор за компромис. Постојат декларации за релокализација на доброволна база и тие се засновани на консензус”, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте, кој во текот на синоќешните разговори го блокираше усвојувањето на заклучокот, изјави дека “Италија повеќе не е сама”. Конте синоќа им даде до знаење дека нема да се согласи на било какво заедничко соопштување додека не го добие тоа што го сака поврзано со миграцијата, велејќи дека сака дела, а не зборови.
Германската канцеларка Ангел Меркел, чиј став беше исто така деликатен поради расправијата за миграцијата во внатрешноста на нејзината коалиција, синоќа истакна дека мигрантското прашање е предизвик кој може да ја одреди судбината на Европската Унија.
Некои од предлозите за време на преговорите околу мигрантите вклучиле и формирање на контролни центри во европските држави кои доброволно се пријавиле.
Од таму мигрантите кои имаат право на азил можат да одат во земјите кои ќе ги прифатат.
За да се намали максималниот број на бродови кои доаѓат во европските води, Туск предложи да се создадат платформи за слетување надвор од Европа за мигрантите спасени на море, што би довело до крај на економскиот модел за криумчарење на луѓе.
Исто така на самитот било предвидено да се деблокира реформата за европско право на азил, но тоа е напуштено како цел поради преголемите разлики.