Поранешен бугарски репрезентативец сака да го спаси Вардар од банкрот?!

194

Поранешна голема бугарска ѕвезда и репрезентативец кај источниот сосед, Благој Георгиев, ќе го спасува Вардар од банкрот и ќе се обиде да ги врати црвено-црните на старите стабилни патеки.

Интересот на Георгиев или луѓето кои ги застапува тој, да го превземат Вардар, не е нова вест, но е повторно актуелизирана во последните две недели. Токму денеска се случи и еден од последните состаноци, на кои бил Георгиев од едната страна и извршниот директор на Вардар, Самоил Симев од друга страна.

На средбата покрај овие двајца, бил присутен и поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија, Наумче Мојсоски, но не се знае во кое својство.

Како што дознаваме, Георгиев се јавува како претставник на конзорциум компании од Источна Европа, кои се заинтересирани да го преземат Вардар во сегашната состојба.

Во трката за спас на Вардар, наводно се брзало и со подмирување на долговите за да се фати рокот за евро лиценцата, за црвено-црните да не извисат и втора година по ред за настап на меѓународна сцена. Иако тоа е речиси невозможна мисија, зашто сите рокови за исполнување на финансиските критериуми за добивање на лиценца се одамна пробиени.

Георгиев е поранешен бугарски репрезентативец кој на 50 настапи за источниот сосед постигнал пет гола. Георгиев е дете на Славија Софија, каде што и ја почна професионалната кариера и играше од 1999 до 2006 година, по што го носеше дресот на шпански Алавес.

Подоцна, тој настапувашр за белградска Црвена Звезда во периодот од 2006 до 2008, потоа играше за германски Дуизбург, руски Терек Грозни, Амкар Перм, Рубин Казањ и Оренбург, по што замина во пензија.

Вардар во 2017 година, откако го испиша најголемиот фудбалски клупски успех со настапот во Лига Европа, неочекувано брзо влезе во сериозни проблеми со финансиите, па од летото 2018 година се соочи со блокирана сметка, а долговите кон фудбалерите, поранешните играчи, тренери само се таложеа.

Кулминација на кризата беше исклучувањето на струјата во Академијата пред нешто повеќе од три недели. Поради сериозните долгови, лани Вардар не доби лиценца, а и годинава таа дозвола „виси“, иако актуелниот состав кој беше прежален пред стартот на сезоната стигна до двоцифрена предност и практично на чекор до нова шампионска титула во Првата лига.

Досегашниот газда на Вардар, Сергеј Самсоненко на 15 мај објави дека се повлекува од клубот со ветување дека сите обврски што ги имаат црвено-црните ги презема на себе и дека го враќа клубот на градот Скопје.