Помал и поевтин од “постариот брат”: Honor го претстави првиот паметен часовник

302

Кон средината на октомври, кинеската компанија Huawei го претстави својот нов паметен часовник Watch GT на глобалната промоција на новите модели на телефони, а неколку недели подоцна, сличен уред претстави и “помладиот брат” на Huawei – компанијата Honor.

Паметниот часовник наречен Honor Watch Magic се заснова на Light OS платформа, но тој е помал и поевтин од моделот GT, истакнува “GSM Arena”.

Watch Magic има AMOLED екран со пречник од 1,2 инчи, во споредба со 1,39 инчниот дисплеј на GT. Меѓутоа, кај двата модели резолуцијата овозможува идентичен приказ на сликата со густина од 326 пиксели.

Батеријата на Honor е помала и има капацитет од 178 mAh (наспроти 420 mAh на GT), но и покрај тоа Honor тврди дека таа е сосема доволна да издржи цела недела стандардна употреба на овој паметен часовник.

Уредот е сертифициран според 5ATM стандард, што значи дека е водоотпорен до длабочина од 50 метри во траење од 10 минути, а има и сензор кој го следи отчукувањето на срцето. Овој паметен часовник поседува опција на напредно позиционирање како и опцијата Huawei Pay.

Дебелината на Honor Watch Magic изнесува 9,8 милиметри, а истиот е изработен е од нерѓосувачки челик и пластика. Часовникот е достапен во две комбинации на бои: Lava Black и Moonlight Silver.

Honor Watch Magic се продава во Кина по цена од 900 јуани, додека цената на Watch GT e 1300 јуани. Со тоа што GT во Европа се продава по цена од 200 евра, Watch Magic би требало да изнесува околу 150 евра.