Полицијата е во потрага по Мијалков, распишана е и потерница по него

121

Од вчера попладне полицијата е во потрага по Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, откако судот издаде решение за куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина” на 26 февруари. Мијалков во овој случај е првообвинет, а обвинителката Ленче Ристеска во завршниот збор побара максимална казна.

На барање на обвинителството Кривичниот суд издаде решение за куќен притвор за Сашо Мијалков. Полицијата од вчера попладне го бара Мијалков во неговиот стан во Капиштец, куќата на Водно и во хотелот „Мериот“.

Мијалков последен пат бил виден во кафулето „Дистрикт“, во близина на хотелот „Мериот“.

По завршните зборови и на одбраната и на обвинителството, за 26 февруари закажано е изрекување на пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети 12 лица, а Мијалков е првообвинет. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.

„Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи го предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар“, рече на минатонеделното рочиште обвинителката Ристоска.

Мијалков на рочиштето на 19 февруари рече дека нелегалното прислушување во земјава од 2008 до 2015 година не го правеле службите во УБК.