Починатите во пожарот во тетовската болница се на возраст од 29 до 79 години

28

Во пожарот што на 8 септември вечерта избувна во модуларната болница во Тетово, загинаа 14 лица. Владата поради големата трагедија прогласи тридневна жалост. Истрагата за случајот е во тек, а министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека никој нема да биде изземен од одговорност.

Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, преживеаните 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.

Министерот за здравство Филипче изрази длабоко сочувство до семејствата на починатите и истакна дека пожарот е огромна трагедија.

Tој наведе дека починатите се на возраст од 29 до 79 години. Освен класичните обдукциски наоди, како што рече, ќе се прават и анализи на ДНК за што се информирани и членовите на семејствата на пациентите.

Филипче информира дека на вчерашната владина седница донеле одлука на нашите експерти во истрагата за пожарот да им се приклучат и експерти од странство.

– Ова го правиме со цел спроведување на независна и темелна истрага. Како министер и пред сè како човек барам сите наоди уредно да бидат презентирани во јавноста. Од одговорност никој нема да биде изземен доколку истрагата тоа го утврди, потенцира Филипче.

Филипче посочи дека целокупната документација за набавка и поставување на модуларните болници, вклучително и таа во Тетово, покажува дека при реализација на ваквите проекти, кои се поддржани од Светска банка, се запазени строгите стандарди и постапки.

– Истрагата исто така треба да утврди дали и на кој начин по предавање на објектот во употреба во тетовската болница, истиот бил одржуван и раководен, рече Филипче, додавајќи дека Министерството активно ќе соработува со истражните органи и апелираше тоа да го направат и сите други институции, со цел точно да се утврди што се случило.

Тој апелираше до граѓаните и медиумите да не создаваат паника и недоверба кон самите ковид-центри коишто значеа и сè уште значат многу за хоспитализација и спасување на животи во оваа ковид криза.