Почина изумителот на ибупрофенот: Го открил додека се борел со својот мамурлак

419

Д-р Стјуарт Адамс, кој во борба против својот мамурлак открил дека лекот против болки ибупрофен делува, починал на своја 95-годишна возраст, пренесува “BBC”.

Адамс повеќе од десет години учествувал во истражување на овој лек и чекал уште седум за истиот да биде прифатен. Тој му се приклучил на истражувачкиот оддел на корпорацијата “Boots” по студиите по фармација на универзитетот во Нотингем. 

Стјуарт во 2015 година изјавил за “BBC” дека првата консумација на лекот му ја разбистрила главата за да може да одржи говор. Синот Крис вчера ја потврдил смртта на својот татко.

Професорот Кевин Шејкшеф од универзитетот истакнал дека кариерата на Адамс и неговиот допринес за пациентите се “инспиративни”.

Едно од најважните средства против болки

“Ќе остане запаметен по своите успеси во создавање на едно од најважните средства против болки на светот, но и како инспиративен човек, по тоа што постојано беше упорен и по низата неуспеси во раните клинички тестирања, пред да го создаде ибупрофенот со својот тим. Неговиот живот е потсетник дека можеме да го промениме светот преку работата која ја извршуваме во нашите локални компании, болници и универзитети”, изјавил професорот Шејкшеф.

Д-р Адамс е роден во 1923 година во Бајфилд, Англија. Тој го напуштил училиштето на 16 години и започнал да работи во аптека предводена од “Boots”. Таа работа го довела до универзитетската диплома, по што докторирал на универзитетот во Лидс пред да се врати во компанијата од која започнал и во која останал да работи сѐ до крајот на својата кариера.

Стјуарт во 2015 година изјавил дека е најзадоволен од фактот што стотици милиони луѓе ширум светот го користат лекот кој тој го открил.