Пандев: Знаеме што можеме, недела ќе биде ден за уживање!

66

Македонија оваа година за првпат ќе игра на едно големо натпреварување. Нашиот национален тим веќе е во Букурешт, каде ќе ги одигра првите два меча.

Горан Пандев беше дел од најавната емисија „Еурофорија“ на државниот сервис, во која зборуваше за првиот натпревар против Австрија, но и за останатите ривали и амбициите на репрезентацијата на ова Европско првенство.

„Атмосферата е одлична, пред два дена стигнавме тука, се навикнуваме. Со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Сонот ни се оствари, недела е ден за уживање. Се надеваме на добар почеток на Европското првенство и позитивен резултат. Играме на високо ниво со сите, тоа ни фалеше во минатото. Имаме победнички менталитет, а тоа е најважно. Знаеме што можеме да направиме, смирени сме и едвај го чекаме почетокот.
Првиот натпревар е најтежок. Има еуфорија, првпат сме тука, дебитанти сме… Кога ќе почне мечот се заборава сè. Сите сме подготвени да оставиме срце на терен. Оваа генерација има свои адути и можеме до добри резултати. Се надеваме на поминување на групата.
Имаме лошо искуство со Австрија. Повеќе играчи им играат во Бундеслигата. Добро ги анализиравме, подолго време се подготвуваме за овој меч. Ги знаеме сите слаби и силни страни. Ќе биде тешко. Знаеме како да одиграме и како да им парираме. Подготвени сме за тоа“ , вели капитенот.

Во однос на останатите два ривали во групата, македонскиот голгетер рече:

„Фокусот ни е на првиот натпревар. Потоа ќе мислиме на Украина. Тоа е силна репрезентација предводена од Андриј Шевченко. Имаат италијански систем на работа и тактички се одлично составени.
Холандија е очигледно фаворит во групата. Тоа е репрезентација која може да стигне до завршницата на Европското првенстви. Против Холанѓаните секогаш играме добро. Оваа генерација е најдобра во нашата историја и може да се носи со сите големи репрезентации“.

За крај Пандев кажа неколку реченици за амбициите на репрезентацијата на овој турнир:

„Секој сака, кога сме веќе овде, да ја помине групата. Знаеме дека пласман во осминафиналето ќе биде голема работа за нас. Знам дека сите македонски фанови живеат за нас. Тоа ќе биде голем успех за нас, но и за цела Македонија“.

Првиот натпревар на шампионатот за Македонија е закажан в недела во 18:00 часот, против Австрија.