Филипче: Засега не предлагаме полициски час

457

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека сегашните рестриктивни мерки можат да ги дадат истите резултати какви што би се добиле од воведување на полициски час, доколку мерките се почитуваат. Притисокот врз здравствениот систем од зголемениот број пациенти е огромен, вели Филипче и тоа е причината зошто се подоцна на вечер се објавува дневната статистика за бројот на новозаболени и починати.

Помошта од армијата со санитетски возила е драгоцена, ќе го зголеми бројот на медицинските тимови кое ќе можат да пренесат пациенти, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната церемонија заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска на која за потребите на здравствениот систем беа предадени пет санитетски возила во сопственост на Армијата, како и дека ќе бидат добиени уште две возила за внатрешноста на земјата.

„Здравствениот систем е под огромен притисок, ситуацијата е драматична, на состанок утринава разговаравме за распоред на пациентите, па сепак сметаме дека засега нема потреба од воведување на нови рестриктивни мерки“, рече Филипче, наведувајќи денеска повторно ќе се расправа за евентуални дополни мерки.

На прашањето дали Комисијата за заразни болести предлага воведување на полициски час како што се воведени такви мерки во некои соседни земји, Филипче рече дека секоја земја ги димензионира мерките врз основа на нивната епидемиолошка состојба.

„Денеска ќе има состанок Комисијата, можно е и да се разговара за евентуални нови мерки, на пример за органичување на работата на некои економски оператори и за ограничување на движењето. Но, утрово на нашата координација не стана збор за потребата од нови мерки”, рече Филипче.

Мерките кои моментално се во сила можат да дадат исти резултати како воведен полициски час, се разбира доколку се почитуваат, како што е забраната за групирање и раното затворање на угостителските објекти, вели Филипче.

Во врска со објавувањето на статистиката за новозаболени и починати лица од ковид-19, Филипче рече дека навистина станува збор за огромни бројки и дека поради тоа е потребно повеќе време за обработка на податоците.

Министерката Шекеринска рече дека во овие моменти кога земјата се соочува со пандемијата, поребно е сите да бидат одговорни и да се најде начин за да се помогне.

„Со санитетските возила за потребите на итната помош значително се зајакнуваат капацитетите за брза реакција на здравствените институции во моементи на тешки здравствени ситуациии.Тоа се возила кои даваат можност за транспорт на повеќе лица. Ги даваме како поддршка затоа што сега сите ресурси на државата, треба да ги насочиме тука, нагласи Шекеринска.