Ова ќе го паметиме како време кога болеста и смртта ја помрачија Земјата: Тешки денови за САД, од Ковид-19 починаа 22 илјади луѓе

752

Американците велигденските празници ги поминуваат во изолација, додека бројот на заразени се искачи на над 550 илјади, од кои над 22 илјади починаа како последица на вирусот.

Со оглед на тоа што речиси во целата земја на граѓаните им е наредено да останат во своите домови за да се спречи ширењето на коронавирусот, многумина на најголемиот христијански празник богослужбите во катедралите ги следеа преку интернет.

„Идните генерации ова ќе го нарекуваат време во кое болеста и смртта ја помрачија целата Земја. Нашите цркви можеби се затворени, но Исус не е во карантин и неговото евангелие не е во ланци“, порача надбискупот на Лос Анџелес, Хозе Гомез во обраќањето до верниците кои ги повика да останат цврсти.

Соединетите Американски Држави денес во светот имаат најголем број на починати од Ковид-19, а во последните четири дена се бележат по околу 2 илјади смртни случаи дневно. Најголем број на починати има во Њујорк, а многумина стравуваат дека бројката нагло ќе скокне затоа што огромен број на луѓе можно е да имаат починато во своите домови.

Сепак, додека земјата се бори со ширењето на коронавирусот, администрацијата на Доналд Трамп смета дека од 1-ви мај треба да започне ублажувањето на мерките, иако властите и натаму сметаат дека е прерано да се каже дали таа цел ќе биде остварена.

„Го гледаме светлото на крајот на тунелот. Јавната безбедност и здравјето на американските граѓани мора да бидат на прво место. Тоа на крајот мора да ги одреди тие одлуки“, изјави Стивен Хан, комесар за храна и лекови во администрацијата (FDA).

Угледниот доктор Ентони Фаучи за американските медиуми изјави дека поширокото подрачје на Њујорк оваа седмица бележело најголем број на смртни случаи, но исто така и намалување на бројот на хоспитализации.

„Кога ќе помине таа точка, се надевам дека ќе видиме многу остар пад и потоа ќе започнеме да размислуваме како да го одржиме тоа“, изјави Фаучи кој нагласи дека масовното тестирање на населението ќе биде клучно за отворање на економијата која е на голем удар.