Статуата на единството, која денес свечено била откриена во Гуџарат, на западот на Индија, е најголема на светот, а посветена му е на човекот кој, заедно со Мохандас Ганди и Џавахарлала Нехру, го започнал патот за стекнување на независност на Индија од Велика Британија.
Валабхај Сардар Пател, познат и како Железниот човек од Индија, бил првиот министер за внатрешни работи и заменик премиер на независна Индија, а му припаѓаат заслуги за придонесот во обединувањето на стотина држави во кохерентен, функционален ентитет.
Кипот бил изработен од бронза и челик, а висок е 182 метри. Палецот на Пател на ногата е повисок од скелето кое работниците го поставиле при завршните “дотерувања”.

Споменикот го открил индискиот премиер Нарендра Моди, на чија иницијатива бил и изграден, со цел да се врати угледот на “заборавените” лидери, наведува “Reuters”.
“Пател сакал Индија да биде силна, цврста, нежна, внимателна и прилагодлива нација, ние работиме на тоа”, рекол Моди на денешната церемонија за откривање на статуата. Пред неколку дена, во неделата, Моди изјавил:

“Секој Индиец ќе биде горд на фактот дека највисоката статуа на светот се наоѓа во Индија. Сардар Пател, кој е поврзан со земјата, сега ќе го краси и небото”, рекол Моди во неделата. Уверен сум дека секој Индиец со гордост ќе зборува во светот за ова големо достигнување.
Фондот за изградба на статуата доаѓа од владата, државните компании и други институции, а биле потребни 33 месеци да се изгради во целост.
Статуата на Пател облечен во традиционална носија, со шал преку рамо, е сочинета од 210.000 кубни метри цемент, 25.000 тони челик и 1.700 тони бронза, а чинела 400 милиони долари и се наоѓа над браната “Сардар Саровар”, кај градот Вадодар.

Старешините на локалните племиња претходно најавиле дека ќе ја бојкотираат церемонијата за откривање на споменикот поради загрозувањето на природната убавина, пренела индиската телевизија NDTV.
“Овие шуми, реки, водопади и земја им овозможиле на генерациите да преживеат”, напишале во отвореното писмо, кое било цитирано на телевизија.

“А сега се уништуваат и планираат славје. Дали мислите дека е тоа како да славите нечија смрт? Ние така се чувствуваме”, се наведува во писмото.
Тие исто така навеле дека стотина милиони долари потрошени на статуата можеле да се искористат подобро, меѓу другото, за обнова на лошиот канализациски систем.
“Ова е направено за политички цели, бидејќи племенските заедници во Гуџарат и натаму патат и немаат основни работи потребни за живот”, рекол локален лидер.



