Откриена мапа со локации на ликвидациите во Северна Кореја: И семејствата биле принудени да гледаат

102

Истражувањето се заснова на интервјуа со 610 севернокорејски дисиденти.

Невладина организација од Јужна Кореја мапирала 318 локации во Северна Кореја на кои се извршени јавни погубувања.

Работната група за транзициска правда од Сеул соопштила дека нејзиното истражување се заснова на интервјуа со 610 севернокорејски дисиденти кои се направени во текот на четири години и кои помогнале во лоцирање на локациите со сателитски снимки.

Таа група не ги открила точните локации на 318 локалитети, бидејќи е загрижена дека Северна Кореја ќе ги прикрие, но рекла дека 267 биле лоцирани во две североисточни покраини во близина на границата со Кина, од каде доаѓаат повеќето дисиденти кои биле интервјуирани.

На погубувањата сведочеле до 1.000 луѓе

Станува збор за децениски убиства, за прекршоци од кражба на крави до гледање на јужнокорејска телевизија.

Јавните погубувања во Северна Кореја обично се случуваат во близина на реки, на полиња или брда, како и на пазари и училишни терени, каде жителите и семејствата на осудените често се принудени да присуствуваат на убиствата, се наведува во извештајот наречен “Мапирање на судбината на мртвите”. Како што се пишува, за нив некогаш присуствувале и до 1.000 луѓе.

Најмладата личност која присуствувала на погубувањата имала седум години, рекле сведоците.

Некои јавни погубувања биле извршени внатре во затвореничките објекти, како што се затвори или работни логори – каде луѓето биле осудени за политички злосторства и принудени на физичка работа.

Еден дисидент кој бил во работен логор на почетокот на 2000-тите години, опишал како 80 затвореници биле принудени да гледаат убиство на три жени обвинети за обид за бегство во Кина.

Тогаш наводно службеник од Министерството за народна безбедност им рекол на затворениците: “Тоа би можело да ви се случи и вам”.

Групата која исто така соопштила дека документирала три локации на кои луѓето умреле додека биле во притвор и 25 локации на кои државата наводно ги носела телата. Во соопштението се наведува дека исто така биле откриени официјални локации на кои можеби има документи или други докази поврзани со убиствата.

AP не можел независно да го верификува извештајот, а групата потврдила дека нејзините наоди не се дефинитивни, бидејќи нема директен пристап до Северна Кореја и не може да ги посети локациите за кои дисидентите известувале.

Итан Хи-Шеок Шин, еден од авторите на овој извештај, исто така рекол дека интервјуто со дисидентите укажува на тоа дека јавните погубувања во Северна Кореја стануваат се поретки, иако не е јасно дали е тоа бидејќи сега се случуваат во тајност.

Извршителите често биле пијани

Во извештајот се наведува дека погубувањата биле темелна метода за поттикнување на страв и одвраќање на граѓаните од активности кои режимот ги смета за непожелни и дека голем број од нив се извршени со стрелање. Некои испитаници навеле дека извршителите на убиствата често биле пијани бидејќи “тешко го поднесувале тоа што прават”.

loading...