Откако Париз беше претворен во воена зона, Макрон попушти: Францускиот претседател побарал средба со Жолтите елеци

696

Претседателот на Франција, Емануел Макрон побарал средба со претставници на демонстрантите, таканаречените Жолти елеци после најновиот бран на протести и насилства кои што ескалираа во саботата.

Макрон побарал од премиерот да се сретне со лидерите на најголемите политички партии во земјата и со претставници на движењето Жолти елеци кои што стојат зад протестите поради поскапувањето на цената на горивото.

Францускиот претседател доцна синоќа имал состанок со државниот врв во Елисејската палата, на кој што се разговарало за саботните насилни протести кои што француската престолнина ја претворија во воена зона.

После средбата, од Елисејската палата соопштија дека Макрон побарал од министерот за внатрешни работи да разгледа измени на безбедносните процедури со цел да се стави крај на насилствата.

Инаку, планираниот состанок на француските власти со претставниците на Жолтите елеци кој што требаше да се одржи минатата седмица беше откажан поради одбивањето тие преговори да бидат пренесувани во живо пред очите на целата француска јавност.

Во саботата протестите повторно ескалираа и дојде до жесток судир помеѓу демонстрантите и полицијата, по што над 400 лица беа повредени, а над 130 беа уапсени.

Бесните демонстранти запалија повеќе автомобили, демолираа и ограбија продавници, а на мета беше и Триумфалната капија, како и останати културни споменици во главниот град на Франција.

Според француските власти, станува збор за најголемите нереди во Париз од 1968-ма година, а иако тамошните медиуми пренесоа дека државниот врв размислува за воведување на вондредна состојба, од Елисејската палата синоќа потврдија дека немало такви разговори.