Oпозицијата бара избори, власта ќе размисли

187

Владата вети западни стандарди во Македонија и фокус на внатрешните реформи за интензивната агенда која ја очекува за членството во НАТО и Европската унија за што е отворен е патот по завчерашното изгласување на уставните измени за Преспанскиот договор. Истовремено порача дека сериозно ќе размисли за барањето за предвремени парламентарни избори од  опозициската ВМРО-ДПМНЕ која пак смета дека уставните измени се срамна и незаконска одлука со која се брише името на државата, се менуваат идентитетот, јазикот, културата  и историјата.

Вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска вчера на прес-конференција во Владата оцени дека Македонија го обезбеди заслужено  место на масата на сојузниците на НАТО за што ќе следи многу работа со амбициозна агенда за пристапување од страна на сојузниците. Сега од Македонија се очекува да се насочи на реформите, социјалната сигурност, и економскиот раст, порача Шекеринска.

Нејзиниот колега за европски прашања Бујар Османи смета дека Македонија е целосно ослободена и заштитена од  геополитичките игри од големите центри на моќ што се закана врз безбедноста на целиот регион. Претстојните преговори со кои Македонија станува држава членка на ЕУ ќе значат европски стандарди во администрацијата, европски стандарди во владеењето на правото, стандарди во образованието, здравството, уметноста, културата…, истакна Османи.

Според шефот на дипломатијата Никола Димитров, Македонија го реши најголемиот надворешно –политички проблем, повеќе нема да биде дефинирана со статус како Поранешна југословенска република Македонија и има заштитен идентитет и заштита на она што и е најважно.

– Деновиве согласно процедурите ќе испратам писмо до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а земјите-членки интензивно работат за пристапниот протокол во однос на нас, изменување на Вашингтонскиот договор со 30. членка, изјави Димитров, кој очекува и Грција да ги заврши своите обврски. Уверување за тоа добил од неговиот колега Јоргос Катругалос, со кого разговарал веднаш по оставката на грчкиот министер за одбрана и лидер на Независни Грци Панос Каменос, што ќе повлече гласање доверба на Владата на Алексис Ципрас.

Паралелно со пораките на охрабрување што ги упати власта до граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и вчера го повтори барањето да се распишат превремени парламентарни избори заедно со претседателските и да се распушти Парламентот. СДСМ ќе размисли за такво нешто, а нивниот коалициски партнер Демократската унија за интеграција (ДУИ) е против.

На евентуалните избори, според ВМРО-ДПМНЕ, власта ќе биде поразена. – СДСМ и премиерот Зоран Заев ќе ја добијат казната за погазувањето на волјата на народот и за сите црнила кои и ги нанесоа на Република Македонија, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Во коментар на нивното барање Шекеринска рече дека опозициската партија иницира предвремени избори но се моли тоа да не се случи. СДСМ сериозно ќе ја разгледаат иницијативата, и, како што рече, ќе ги почитуваат законите Опозицијата побара и техничка Влада согласно со Договорот од Пржино, а  во таков случај, тврди Шекеринска, ќе ги почитуваат законите.

ДУИ, според вицепремиерот Османи, на евентуални избори би постигнала 2,5 пати подобри изборни резултати од тие во 2016.  Но сега, смета Османи, целата политичка енергија треба да се фокусира на заокружување на членството во НАТО и преговорите со Европската унија и на примена на идејата 2019 да биде година на економијата.