Од денес заострени мерки во Австрија, задолжителна маската ФФП2

75

Откако дневниот број на новоинфицирани во Австрија остана на постојано високо ниво, но и поради појавата на британскиот вид коронавирус, австриските власти одлучија да ги заострат претходните мерки на заклучување, па од полноќ сите граѓани над 14 години мора да носат маски на високо ниво на заштита ФФП2.

ФФП2 маските мора да се носат во продавниците, јавниот превоз, во сите јавни институции, при посета на лекари но и кај автомеханичарите.

Овој вид маска мора да се носи на пазарите, без разлика дали е на отворено или во затворен простор, но исто така и ако лицето вози автомобил со друго лице кое не е од неговото домаќинство.

Само бремените жени и лицата на кои не им е дозволено да носат маска од здравствени причини се изземени од оваа мерка.

Кој ќе ја прекрши обврската да ја носи маската ФФП2, ќе мора да плати казна во износ од 25 евра.

Покрај тоа, одлуката на Владата ја зголеми обврската за растојание помеѓу лица од различни домаќинства од еден на два метра.

„Подобрената заштита на граѓаните со маските ФФП2 и удвојувањето на растојанието се вистинскиот одговор на новиот вид вирус што се шири низ Австрија и што го зголемува ризикот од инфекција“, рече министерот за здравство Рудолф Аншобер.

Исто така, со одлука на Владата, проширен е и кругот на професии во кои вработените треба да се тестираат за коронавирус на неделно ниво.

Така, покрај медицинскиот персонал и негователитеи, вработените во продавниците, наставниците, магацинските работници, лицата во јавните служби кои примаат клиенти, но и професионалните спортисти сега мора да поминат редовно, еднонеделно тестирање.

Оние кои не се тестирани ќе мора да носат маска ФФП2 на работа, додека досегашната маска ќе биде доволна за тестираните лица.

Медицинските работници и негувателите и покрај тестирањето ќе мора да носат маски ФФП2.

Маските FFP2 започнаа да се продаваат минатата недела во супермаркетите кои се натпреваруваат во цената од 50 до 59 центи, но некои го ограничуваат и бројот на маски по купувач.