Откако стана јасно дека разурнувач на амерканската воена морнарица ќе пристигне во водите на Црното море, руската воена морнарица најави воени вежби кои ќе бидат предводени од крстосувачот „Москва“.
Иако дел од руската армија започна да се повлекува од украинската граница каде што подолг период беше прилично тензично, руската црноморска флота сега ќе започне поморски воени вежби.
Интересно е тоа што овие воени вежби беа најавени само неколку часа подоцна откако американската морнарица потврди дека барем еден нивен воен брод – “USS Paul Hamilton” сепак ќе навлезе во водите на Црното море. Станува збор за ракетен разурнувач кој ќе им се придружи на „партнерите и сојузниците“.
Од седиштето на американската воена морнарица во Европа потврдија дека “USS Paul Hamilton” веќе тргнал кон Црното море. Руската црноморска флота набрзо потоа објави дека нивниот крстосувач „Москва“ ќе ја предводи воената вежба во која ќе учествуваат и други бродови и хеликоптери.

Русија започна да повлекува дел од својата армија од границата со Украина, меѓутоа од Киев и Вашингтон порачаа дека засега се уште е прерано да се говори колку руски војници се имаат повлечено, а колку имаат останато во близина на руско-украинската граница.
„Не можеме 100% да гарантираме дека руските трупи нема да се завртат назад кон нас“, истакна во текот на вчерашниот ден украинскиот претседател Володимир Зеленски.