Непоразени во Бер Шева, жалиме за трите бода, колосална шанса на Елмас во судиското продолжение

195

Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше (1-1) против Израел во Бер Шева во петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2020 година. Можеме да жалиме и за трите бода поради огромната шанса на Елиф Елмас во судиското продолжение од мечот. Излезе сам пред протовничкиот голман и реши да проигра, наместо да шутира и да егзекутира.

Ова е второ реми за нашиот национален тим и петти освоен бод, а прекината е низата од два порази. За четири дена следи дуелот со Летонија во Рига и со евентуален триумф Македонија ќе биде во позиција да се бори и за второто место во групата.
Еран Захави во 56.минута го доведе Израел во водство на „Тото Тарнер“ стадионот во Бер Шева, а израмни Аријан Адеми девет минути подоцна.

golademi

#ISRMKD АРИЈАН АДЕМИ за 1:1.

Posted by Спортисимо Македонисимо on Thursday, September 5, 2019

Селекторот Игор Ангеловски се реши на клупата да го остави капитенот Горан Пандев, кој се жали на повреда на слабините, а Елиф Елмас беше најблиску до единствениот напаѓач Илија Несторовски во навалната линија. Адеми се опорави навреме и беше стрелец на израмнувачкиот погодок.

Капитенот Бибрас Начо во петтата минута го упати првиот удар кон голот на Димитриевски. Шутираше од 30 метри, но македонскиот чувар на мрежата беше на вистинското место. Сепак, нашиот национален тим успеа да воспостави рамнотежа. Израел постигна погодок во 26.минута преку Мунас Дабур, но не беше признат поради игра со рака.
Енис Барди возврати во следната минута, и тоа со прекрасен удар од 25 метри, но Офир Марсијано успеа да одбрани и да исфрли во корнер.

Во 30.минута, фантастична можност за Македонија. По корнерот на Израел, Езгјан Алиоски извлече противнапад, шутираше од дваесетина метри, но за малку крај дирекот.

Бибрас Начо повторно се закани од далечина во 33.минута.

Барди креираше можност за Несторовски пет минути пред одморот, но тој шутираше катастрофално лошо.
На стартот на вториот дел Израел тргна офанзивно, а Мунас Дабур во 51.минута го погоди дирекот од голот на Столе Димитриевски. Пет минути подоцна дојде и водството за Израел.

По одличната акција од десната страна, Еран Захави се снајде одлично во петерецот на Столе Димитриевски и ја погоди мрежата. Сепак, Македонија не падна, веднаш тргна во напад и брзо возврати. Аријан Адеми постигна прекрасен гол со глава по нафрлувањето на Езгјан Алиоски од слободен удар.
Захави повторно беше во елемент и се закани од далечина во 73.минута. Шутираше опасно и во 85.минута, но Столе Димитриевски одлично одбрани.

Македонија може да жали и за трите бода. Елиф Елмас во судиското продолжение имаше фантастична шанса по проигрувањето од Пандев, излезе сам пред протовничкиот голман и реши да проигра кон капитенот, наместо да шутира кон голот.

ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА 1-1 (0-0)

Стадион „Тото Тарнер“ во Бер Шева. Гледачи: 15.000. Судија: Андреас Екберг (Шведска). Стрелци: Еран Захави 56′ (Израел), Адеми 65′ (Македонија). Ж. картони: Николов, Пандев (Македонија), Соломон (Израел)

ИЗРАЕЛ: Марсијано, Даса, Елхамед, Таха, Соломон, Бен Харуш (60′ Кајал), Начо, Перец, Дгани, Захави, Дабур (75′ Хемед).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Ристевски, Алиоски, Адеми, Барди (83′ Спировски), Николов (75′ Трајковски), Елмас, Несторовски (68′ Пандев).