Не чека пеколно лето со температури над просекот од 3 степени

1298

Не очекува потопло лето во кое температурите, според најавите од синоптичарите, ќе ги надминат многугодишните просеци во некои делови и за над три степени. Особено отсапувања ќе има во текот на јуни. Според прогнозите, се очекуваат и периоди со исклучително топло и сушно време. Врнежите летово ќе бидат во рамки на просекот.

– Во целиот југоисточен регион на Европа температурите во текот на летото ќе достигнат натпросечни вредности. Во Република Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многодишните просечни вредности кое би било повеќе од три степени во североисточниот регион, а за останатиот дел од територијата до три степени. Најголемо отстапување на температурата на воздухот се очекува во текот на овој месец, покажуваат анализите на Управата за хидрометеоролошки работи.

Метеоролозите предвидуваат можност во петстојната летна сезона да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројаност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори.

Од УХМР, сепак, напоменуваат дека сезонскиот изглед на времето не може да обезбеди детални информации за интензивни краткотрајни временски неприлики.

Многугодишниот просек од 1981-2010 на температурата во Скопје за јуни, јули и август изнесува 21,9, 24,2 и 23,9 степени Целзиусови. Температурниот опсег на многугодишниот просек 1981-2010 за летото во РМ е од 16 во планинските предели до 25,3 степени измерени во Гевгелија.

Температурите на воздухот во јули лани во Македонија го надминаа просекот за 1,5 степен, а во август за еден до два степена.

Минатото лето во јули се регистрирани и најмногу тропски денови и тоа во Гевгелија, а тропски ноќи со над 20 степени Целзиусови се регистрирани во Гевгелија, Скопје, Демир Капија, Штип, Струмица  и Прилеп.

Највисоката температура измерена лани е 41 степен во Демир Капија на 4 август. Август минатата година во првата декада бил потопол за четири до шест степени.

Врнежите во текот на ова лето ќе бидат околу просечните вредности или помало. Најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да биде во август.

Многугодишната просечна количина на врнежи  за јуни, јули и август изнесува 44 мм, 37,6 и 34,4 милиметри.

Врнежите во овој период се во границите од 23,9 мм измерени во Штип до 96,7 мм во Маврово.