Рано утово се одигра уште една фаза од ново формираниот “турнир” кој премиерно се одржува во текот на овогодинешното NBA првенство. На најголемиот број од натпреварите владееше нервоза што резултираше со многу технички грешки и исклучување од игра на играчите.
Најпрво Голден Стејт ја пречека Минесота. Уште во првата минута од натпреварот дојде до конфронтација помеѓу Клеј Томсон и Џејлен МекДениелс. Во целиот хаос се приклучија Дрејмонд Грин и Руди Гоберт што резултираше со прекин на натпреварот. Во текот на денешниот ден се очекува соопштување на евентуалните суспензии. Во неизвесен финиш, гостите од Минеаполис ја заслужија победата од 104:101.
Во судирот помеѓу двата најмлади тимови во лигата исто така имаше “искри”. Оклахома Сити го пречека Сан Антонио Спарс во натпревар на кој домаќините доминираа од почетокот до крајот. Огромното водство ги исфрустрира гостите од Тексас. Најпрво Зек Колинс грубо го фаулираше Василије Мичич а нешто подоцна Џереми Сочан незгодно стартуваше над дебитантот Чет Холмгрем. “Грмотевиците” ја извојуваа највисоката победа сезонава со конечни 123:87.
Во репризата на ланскиот “плеј оф” дуел помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Мемфис Гризлис тимовите породлжија со меѓусебната “војна” од доигрувањето. Ентони Дејвис најпрво влезе во дуел со Санти Алдама а потоа следуваше вербален судир со Дезмонд Бејн. На крајот домаќините остварија убедлива победа од 134:104.
NBA FAN
Димитар Младеновски