Националниот Парк Галичица – повторно дом на европските елени

561

Кралот на шумите, европскиот елен повторно го најде својот дом во Националниот Парк. Галичица. По неколку децении пауза, кога речиси беше доведен до истребување, повторно почнаа да се создаваат услови европски елени да ја збогатат фауната на Галичица. Специјално за оваа намена е направен репродуктивен центар од стотина хектари во кој се донесени врвни примероци од овие елени, 24 женки и шест мажјаци. Новиот дом е опремен со модерна инфраструктура: карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници, а елените ќе се користат исклучиво за активно управување и одржување на уникатните екосистеми на Галичица, а не како ловиште.

„Главната цел на овој проект е да се подобри управувањето на Националниот парк Галичица преку заштита, конзервација на уникатната биолошката разновидност и спроведување на мониторинг. За една година се спроведоа активности поделени во три компоненти компоненти: подготовка на студија за изградба на арборетум, подобрување на управувањето со планинските екосистеми на пасиштата преку изградба на репродуктивен центар за европски елен и негово повторно воведување во паркот, и ревизија и спроведување на програма за долгорочен мониторинг на биолошката разновидност на паркот“, вели Андон Бојаџи – раководител на Одделението за заштита на природата при ЈУНПГ.

Програма за подобрување на управувањето со заштитените подрашја

Активностите кои Националниот парк и Друштвото за проучување и заштита на биодиверзитетот и одржлив развој на природните екосистеми (БИОЕКО) Скопје ги спроведуваат се во рамки проектот „Подобрување на заштитата, конзервацијата и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“, вреден 340.000,00 евра. Проектот е дел од поголема Програма за подобрување со управувањето на заштитените подрачја, во износ од 4,3 милиони евра, финансирана од Европската унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со цел остварување на овие активности, НП Галичица ангажираше двајца млади биолози и лице за комуникација, што претставува новина во заштитата на природата во националните паркови во Македонија.

 

Карактеристики на високо-планинските пасишта на Галичица

Високо планински пасишта (тревни екосистеми) на Националниот парк Галичица кои имаат значителна вредност со големо богатство на биолошка разновидност, се создадени со интеракција на локалното население и природата со векови со традиционални практики за пасење овци и говеда.

Во текот на последните децении, пасиштата беа управувани претежно со пасење домашни животни. Ова е причината зошто овие екосистеми честопати биле „полуприродни“. Тоа не значи дека пасиштето како екосистем е направено од човекот. Тоа значи дека големите пасишта за пасење се составен дел на овој екосистем, овозможуваат опстанок и на дивата фауна и на домашниот добиток.

Според Методија Саздов, менаџер на проектот Подобрување на управувањето со заштитените подрачја, биолошката разновидност на тревните екосистеми во Националниот парк Галичица е загрозена од напуштање на пасиштата. Планинските пасишта стануваат обраснати со високи треви што се сушат на крајот на летото, што е многу голем потенцијален ризик за настанување пожари. Неодамна тоа се случи во Националниот парк Галичица, кога голема површина области на високи пасишта беа целосно изгорени, предизвикувајќи штети на флората и фауната.

„Враќањето на Европскиот eлен на падините на Галичица, ќе овозможи природен циклус на испаша, зачувување на природните карактеристики на високо-планинаиските пасишта, но ќе допринесе и за поголема заштита од пожари бидејќи пасиштата нема да бидат обраснати со високи треви кои претставуваат висок ризик за ширење на пожарите во случај на ветер и големи температури. Заштитата и зачувувањето на високо-планинските пасишта се од голема важност поради тоа што тие се карактеризираат со висока биоразновидност на ендемични растителни и животински видови, а исчезнувањето на овие видови ќе значи и промена на самото живеалиште, условите во него, како и самиот пејаж во Националниот Парк Галичица “, вели Саздов.

Најбогатите мешавини на цветни растенија, со најголема разновидност на растителни и животински видови, се наоѓаат на отворени пасишта (високопланински пасишта на Галичица) кои се пасени од дива и питома фауна.

Libelloides lacteus, редок вид инсект од редот мрежокрилци, чие живеалиште се пасиштата, а се вбројува меѓу клучните видови на Паркот.

Карактеристики на репродуктивниот центар

Репродуктивниот центар за Европски елен (Cervus elaphus) се наоѓа на локалитететот „Косто бачило“, а негови главни цели се:

· Заштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта;

· Заштита на пејсажните и пределските вредности;

· Намалување на ризикот од пожари;

· Подобрување на атрактивноста на Националниот парк Галичица;

· Едукативна функција.

. Изграден е на површина од 86 хектари

· Популација: 30 единки, од кои 24 женки и 6 мажјаци (2019 година)

· Опрема за негово функционирање.

 

Запознајте го Европскиот елен

Мажјаците (елени) имаат силно развиени рогови. Женките (кошути) се собираат во крда кои ги предводи доминантна женка. Живеат во листопадни шуми и планински предели, а како тревопасни животни најчесто пасат на шумските ливади и ги брстат лисјата од дрвјата и грмушките. Нивната реинтродукција во Паркот придонесува за одржување на високопланинските пасишта и спречување на сукцесивните процеси.

Добро е да се знае!

Репродуктивниот центар е изграден исклучиво за одгледување и враќање на елените во Паркот, а строго забрането е лов и други недозволени активности. Матичното стадо во следните години ќе биде сместено во оградената површина, а секоја година младите едники ќе се пуштаат во дивина. Согласно програмата за долгорочен мониторинг на биолошката разновидност во Национален Парк Галичица, високопланинските пасишта се предмет на мониторинг со што ќе се добијат значителни и корисни информации за ефектите на реинтродукцијата.