На Венеција ѝ беше мака од туристите, а сега се жалат

302

Од славниот плоштад Свети Марко исчезнале и гулабите. Зошто би доаѓале кога нема кој да ги храни? Спречени од коронавирусот, странските туристи не можат да ја посетат Венеција, еден од нивните омилени италијански градови. Многу мештани сега сакаат тие да се вратат.

“Венеција без туристи е мртов град”, вели 66-годишниот гондолиер Мауро Самбо, кој со таа работа се занимава од 1975-та година.

“Дури и кога ќе попуштат мерките, кој ќе плови со гондолите? Тоа го прават странци, не домашни”, вели брадестиот гондолиер чистејќи ја својата гондола закотвена во близина на Дуждовата палата. Италијанската влада најавила дека границите ќе се отворат дури на 3-ти јуни.

Околу Каналот Гранде владее мртва тишина. Украсените палати од двете страни на каналот, луксузните хотели и културните институции се затворени.

Туризмот во италијанскиот БДП учествува со 13 проценти. Во тој сектор има 15 проценти од сите работни места во земјата. Во Венеција тоа многу поизразено. Дури 65 проценти од граѓаните работат во туризмот.

“Влијанието на коронавирусот на странските посети, кои сочинуваат 85 проценти во градот, е полош отколку во другите градови кои имаат повеќе домашни од странски туристи”, рекла Паола Мар од градскиот туристички кабинет.

“Ова е војна, а војни сме преживувале и претходно. Ќе го надминеме ова благодарение на нашиот претприемнички дух. Но, туризмот ни е многу потребен”, тврди 47-годишниот градежен работник Франческо Песин.

Со него се согласува и 61-годишниот златар Енрико Факети.

“Градот својата економија ја темели на туризмот. Можеби тоа е грешка, но немаме многу избор”, рекол тој.

Венеција низ својата историја била отворен град. Нејзината морска економија прифаќала трговци од сите видови и таа отвореност на градот му донела напредок и престиж.

“Историски, Венеција е светски, космополитски град. Погледнете ја оваа басилика. Таа е во византиски стил, бронзените коњи се пристигнати од Цариград”, вели Факети, покажувајќи на црквата Свети Марко.

Има и такви кои покрај кризата мислат поинаку. На голем плакат обесен на една зграда пишува: “Сити сме од преноќувања со појадок”.

Властите со години ги занемаруваат своите граѓани. Венеција со поширокиот градски прстен има 260.000 жители но од тоа помалку од петина живеат во историскиот центар.

Одливот на жители на копно, каде цените се пониски, а животот покомфорен, не престанува. Дури и на островот Мурано, славен по производството на стакло, една стакларска продавница е претворена во хотел-ресторан.

“Нема повеќе традиционални занаети”, вели претприемачот Димитри Тиоко.

И покрај сите приговори, враќањето на туристите е сега приоритет за Венецијанците.

Венеција, која годишно ја посетуваат 24 милиони туристи, минатата година донела одлука да им наплаќа на посетители такса во износ од 10 евра поради преголемиот број на посетители.