Моќни компании и поединци: Само два дена после пожарот собрани се речиси милијарда евра за обнова на Нотр Дам!

195

Apple, Chanel, L’Oreal, Dior и бројни поединци од Франција и ширум светот се погрижија само два дена после катастрофата, фондот за обнова на париската катедрала Нотр Дам да достигне речиси милијарда евра.

Фондот за обнова на Нотр Дам достигна бројка од речиси една милијарда евра само два дена откако голем пожар ја оштети париската катедрала. Само два дена откако пожарот го опустоши еден од симболите на Париз и Франција, парите за обновата која се предвидува дека ќе трае пет години расте со неверојатна брзина.

„Фондот достигна бројка од милијарда евра“, изјави Стефан Берн, еден од организаторите кои го стартуваа фондот за обнова на катедралата.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон во вторникот навечер во телевизиското обраќање до нацијата, изјави дека катедралата ќе биде обновена во следните неколку години и ја повика француската нација да се обедини.

„Ние повторно ќе ја изградиме Нотр Дам, катедралата ќе биде уште поубава и јас сакам се да биде завршено во рок од пет години“, изјави Макрон и порача дека катастрофата треба да биде претворена во шанса за обединување и слога.

Француските мултинационални компании беа меѓу првите кои донираа вртоглави суми на пари за обновата на симболот на Париз. Познатата компанија “L’Oreal” во текот на вчерашниот ден вети дека ќе донира 200 милиони евра за обновата на Нотр Дам, додека конгломератот “LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton” чиј шеф е најбогатиот човек во Франција, Бернард Арно исто така донираше 200 милиони евра. Исто така, 100 милиони евра вети францускиот милијардер Франсоа-Анри Пино, прв човек на “Kering” и “Groupe Artemis”.

Меѓу гигантите кои што веќе донираа за обновата на Нотр Дам се американскиот технолошки гигант Apple, магнатите кои ги поседуваат Chanel и Dior, како и бројни верници и држави ширум светот, меѓу кои и Македонија.