Министерката за правда на Хонгконг нападната во Лондон: Демонстранти ја турнаа на земја, Кинезите бесни!

616

Кина ја обвини Велика Британија дека долева „бензин на огнот“ откако во Лондон продемократски демонстранти ја нападнаа министерката за правда на Хонгконг.

„Ја повикуваме Велика Британија веднаш да го испита случајот, да ги уапси сторителите и да ги изнесе пред суд. Исто така, да ја гарантира безбедноста и достоинството на сите кинески функционери“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.

Министерката за правда на Хонгконг, Тереза Ченг вчера беше нападната од десетина продемократски демонстранти во Лондон додека се подготвуваше да одржи говор во една институција. Тие ја опколија и ја турнаа на земја.

Владата на Хонгконг соопшти дека министерката претрпела „сериозни телесни повреди“, иако се чини дека станува збор за „обичен“ пад.

Во соопштението на владата на Хонгконг е наведено дека министерката веднаш ја известила лондонската полиција и побарала да го сфатат случајот сериозно и да ги изнесат сторителите пред лицето на правдата.