Милко Ѓуровски: Мундијалот не е далеку, Македонија има голем фудбалски талент

130

Македонската фудбалска легенда Милко Ѓуровски во интервју за „Србија Данас“ даде коментар на големиот успех на националниот тим и победата над Германија (1-2) среде Дуизбург. Некогашниот играч, а сегашен тренер, потенцира дека резултатот е феноменален, но сега мора цвсто да се остане на земја.

„Македонија е супер екипа, беа одлични со Германија. Да се разбереме, Македонија има добри играчи, но Германците не ме одушевија. Просто е, кога играш отворено, немаш што да загубиш. Само сега да не се летне во облаци и да не кажеме дека ќе бидеме први во групата. Мора да се биде мирен, да се победи и Ерменија. Нас Милан Миљаниќ (фудбалски великан во СФРЈ н.з) ни велеше дека првенствата не се освојуваат во дерби-мечевите, туку со малите натпревари и тоа е тоа. Тешко е да се мотивираш за „малите“. Ако Македонија ги добие тие натпревари, тогаш Мундијалот не е далеку. Македонија е репрезентација која долго време е заедно, има одлична атмосфера во тимот и голем фудбалски талент. Време беше тоа да се види на терен. Изгледа дека сега добро ги водат, што претходно не беше случај. Потврда на квалитетот е пласманот на ЕП. Тоа ќе биде вистинско уживање оваа година!“, изјави Милко.

58-годишниот тетовчанец кој во кариерата (1979-2005) играше како напаѓач и најмногу се истакна во Црвена Звезда, Партизан и Гронинген во моментов живее и работи во Словенија.